Претседателските и парламентарните избори ќе бидат одвоени и во редовен термин, дециден Ковачевски
За Ковачевски, најавената посета на шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, не е притисок врз опозицијата за прифаќање на уставните измени. Претседателските и парламентарните избори ќе бидат во редовен термин и одвоени, дециден е премиерот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, останува на ставот за втор круг претседателски и парламентарни избори во ист ден...

Нема разговори за преклопување на датуми, ниту за конкретни термини. Претседателските и парламентарните избори ќе бидат одвоени и во редовен термин, за што конечно сите политички партии се сложија, дециден премиерот Ковачевски. Смета дека единствено во работната група во Собранието треба да се договори динамиката на изборниот процес. Најавената посета на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Македонија кон крајот на месецов, според Ковачевски не е притисок врз опозицијата за прифаќање на уставните измени.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски пак директен, ако Фон дер Лајен има средба со него, подготвен е да разговара за евроинтегративните процеси на земјата, но не и за, како што рече, бугарските условувања. Прифаќа изборите да бидат редовни, но вториот круг претседателски и парламентарните да се одржат во ист термин, 8-ми мај.
Но, засега ситуацијата статус-кво. Работната група за детализирање на изборниот процес сè уште не е формирана, а не е комплетирана ниту Државната изборна комисија, што за Мицкоски е вовед во уставна криза.
Миле Ристески
