Џолев: Причината за застарување на предметите не е во судот
Причината за застарување на предметите не е во судот, вели претседателот на скопскиот Кривичен суд Иван Џолев. Според него измените во Кривичниот законик се упад во судскиот систем. Бара и апелација да не ги одолговлекува предметите...

Да не се вперува прстот во судството за застарување на предметите. Причината не е во судот, вели претседателот на скопскиот Кривичен суд Иван Џолев. Тој посочи дека судењата по предметите од СЈО почнале во јануари 2018-та и затоа не може да се каже дека траеле 8 години, 18 биле завршени. По три сè уште се постапува. Ковид-пандемијата и процесот против поранешната шефица на СЈО, Јанева, најмногу ги одлагале рочиштата, а се чекало и на Закон за јавно обвинителство. Првиот човек на Кривичниот суд во Скопје го дели мислењето со експерти за измените на Кривичниот закон.
Судската и експертската фела беа едногласни – на еден начин тоа е упад во судскиот систем. Но времето ќе покаже дали овие измени се добри или не и дали ќе ја вратат довербата во судството. Фелата анализира дали ова е вистинскиот тајминг за усогласување на законот со ЕУ-регулативата, бидејќи многу предмети беа во завршна фаза,
Џолев бара Апелација да не ги одолговлекува предметите. Им порача на колегите од повисокиот суд мериторно да одлучуваат. Посочи дека случајот „Топлик“, по една година во апелација, деновиве бил вратен на повторно одлучување.
Апелацискиот суд нема рокови за одлучување и токму нивните пресуди не се проверуваат, како што е случај со првостепените. Апелирам да не ги одолговлекуваат предметите и мериторно да одлучуваат.
Од скопскиот Кривичен суд сметаат дека со најавените амнестии паѓа во вода сè што судот до тогаш работел.
„Змиско око“ е најстариот предмет по кој сè уште се одлучува во скопскиот Кривичен суд.
Наташа Гркова-Петрушевска
