Се заканува епидемија на морбили поради нискиот опфат на имунизација
Минатата година само 70 проценти од децата биле вакцинирани против морбили – со овој опфат на имунизација ни се заканува епидемија, апелираат надлежните. Дополнителен проблем создаваат лажните вести во медиумите – тие ја зголемуваат недовербата кај родителите за вакцинација...

Само седумдесет проценти од децата лани биле вакцинирани против морбили – со ваков недоволен опфат на имунизација повторно ни се заканува епидемија, алармираат здравствените власти. Кај родителите сè уште постои страв од оваа вакцина, бидејќи се поврзува со аутизам. Професорката Грозданова како најдобар пример дека вакцината е безбедна ја посочи 2019 година. За време на епидемијата, за шест месеци МРП примиле повеќе од 40 илјади деца и кај ниту едно не е забележано такво нешто.
„Тоа е извонреден пример кој се случил на нашите простори и потврдува дека вакцината е навистина безбедна. Имавме 40 илјади семејства што беа спокојни потоа бидејќи ја донесоа правилната одлука и ги вакцинираат своите деца. Токму благодарение на тоа претходните пет години имаме мирна ситуација и не се појавија нови епидемии“, изјави проф. д-р Александра Грозданова – Комитет за имунизација.
Единствено бројка од 95 проценти вакцинираност гарантира дека при појава на случаи со морбили ќе нема епидемија – вели доктор Мехмедовиќ. Додава дека МРП во Куманово имаат примено само 40 насто од децата.
„Компликациите што се јавуваат како резултат на појавата на болести кои се превентабилни со вакцини се навистина сериозни. Епидемијата со морбили во 2019 година, за жал, однесе три детски животи. Беа на возраст од 5, 11 и 13 месеци, во најраната возраст. Детето кое било на пет месеци не ни можело да биде вакцинирано. но другите можеле да ја примат и така би се спречила можноста за пренесување на помалите деца и за компликации“, рече д-р Злате Мехмедовиќ – Комисија за заразни болести
Дополнителен проблем создаваат лажните вести во медиумите – тие ја зголемуваат недовербата кај родителите за вакцинација.
„Треба да знаеме дека тие постојат и можат да убијат или да донесат до фатален крај. Затоа што лажните вести не се таму некаде, туку се тука присутни меѓу нас, не напаѓаат нас како луѓе, нас како граѓани и нашите блиски“, изјави Бојан Кордалов – комуниколог.
Скопје, Куманово, Тетово, Битола и Струмица се градови со помал опфат на вакцинираност, додека во Кочани опфатот со одредени вакцини е и над 95 насто. Надлежните велат треба да се следат примерот и искуствата на општините со поголем процент на вакцинираност.
Андријана Ѓурческа
