Куманово

Разрешена директорката на Општата болница во Куманово

19.10.2023 18:41

Еден месец откако стапи на функцијата, разрешена е директорката на кумановската Општа болница. На нејзиниото место е поставен единствениот уролог, па најголемата Општа болница останува без ваков кадар. Министерот за здравство без конкретен одговор за разрешувањето. Вели ќе се променат сите кои работат непрофесионално и недомаќински.

Билјана Ивановска е разрешена од функцијата прв човек на кумановската општа болница. На местото на Ивановска која стапи на функција пред само еден месец, сега е поставен единствениот уролог Фати Џемаили. Ивановска која работеше како психолог во болницата, беше избрана на конкурс во средината на септември, откако на поранешната директорка Снежана Захариева и заврши мандатот. Решението за разрешување на Ивановска од министерот Меџити, било доставено завчера. Министерот без конкретен одговор зошто е разрешена директорката. Во здравството вели воведуваме нова пракса, со установите ќе раководат професионалци кои ќе работат домаќински. Најави и разрешување на случаите каде со години имало злоупотреби.

„Нема кај мене да има директори кои не можат во целост и стручно да ги извршуваат професионално работите. За тоа ќе ви дадам конкретен пример, директор на психијатриска болница Бардовци исто беше сменет, не ме интересира партија, политика, јас сум здравствен работник“, истакна Фатмир Меџити, министер за здравство.

На новинарско прашање дали Ивановска за неполн месец работела непрофесионално, министерот не даде одговор.

Повеќе детали за разрешувањето на директорката, министерот рече ќе добие од Министерството за здравство. Но оттаму нема никаков одговор од вчера.

Министерот за здравство не одговори ниту на прашањето што ќе се случува со најголемата Општа болница во државата, откако по поставувањето на новиот директор, установата остана без уролог. Рече дека одговорноста треба да се бара кај претходните министри и раководството, кое не вработиле кадар, но дека работите во болницата сега ќе се движат кон подобро.

 

Елена Гергиевска