Франција

Оддадена последна почит на професорот Доминик Бернард, убиен од радикализиран исламист во Арас

19.10.2023 21:47

Во Арас му беше оддадена последна почит на професорот Доминик Бернард, убиен од радикализиран исламист. Доминик Бернард беше прогласен за Витез на Легијата на честа од страна на Претседателството на Републиката. А истовремено Франција од минатиот викенд живее во ритамот на дојави за бомби, кои засега за среќа не се потврдени...

Со емоции и под строг надзор, Арас му оддаде последна почит на францускиот наставник Доминик Бернар, избоден до смрт пред неговото средно училиште од радикализиран поранешен ученик. Неговото убиство ја стави Франција во состојба на готовност. Погребот на 57-годишниот професор, оженет со наставничка и татко на три ќерки кои сега се полнолетни, се одржа утрото во катедралата Арас, во присуство на Емануел Макрон, неговата сопруга Брижит Макрон и на министерот за национално образование, Габриел Атал.

„Чувствителен и дискретен, не ги сакаше звукот и бесот на светот. Тој длабоко ги сакаше своите ќерки, мајка си и сестра си. Се сакавме“, изјави неговата сопруга Изабел, исто така учителка, пред илјада луѓе присутни во катедралата Арас.

„Не сакаше гужви и почести, церемонии, кои ги мразеше“, додаде таа, наведувајќи ги многуте уметници што ги ценел, од Грак до Бодлер преку Кјубрик и Тицијан.

Смртта на Доминик Бернард на 13 октомври, која се случи речиси три години до денот по атентатот на професорот по историја и географија Самуел Пати, во регионот на Париз, од страна на радикализиран млад човек, предизвика бран шок, особено меѓу наставниците.

Франција влезе во тревога за „непосреден терористички напад“ вечерта на нападот, по што следуваа евакуации на Лувр, на Версај на три пати, на железнички станици и училишта поради тревоги за подметнатата бомба.

Во Арас Габриел Атал, министерот за образовани изјави: Ова е 168 тревога за бомба која им беше испратена на школските установи од почетокот на школската година на 4 ноември. Велам дека тоа е апсолутно неприфатливо,

„Тоа се закани кои имаат за цел да застрашат, да предизвикаат страв и сакам да бидам крајно јасен по ова прашање: акција, реакција, секогаш кога има тревога, и закана, има судска пријава“, изјави Габриел Атал.

Досега голем број осомничени се уапсени заради лажните тревоги, за што предвидената казната е 2 години затвор и 30.000 евра парична казна.

 

Тони Гламчески