Блиски Исток

Конфликтот може да се прошири и во регионот

20.10.2023 09:57

И покрај најавите, преминот Рафа, единствениот во Појасот Газа кој не е под израелска контрола, и денеска нема да биде отворен за хуманитарна помош. Претседателот Бајден во обраќањето до нацијата рече дека иако Хамас и рускиот претседател Путин се различни закани, имаат една заедничка работа...

Израелската армија доби зелено светло за копнената офанзива на Појасот Газа, кога за тоа ќе биде целосно подготвена. Според генералштабот, армијата во ноќниот напад го ликвидирала еден од лидерите на Хамас, Осама Мазини, предводник на Шура советот, политичко крило на организацијата. Во екот на хуманитарната криза во Појасот и постојаното бомбардирање, официјален Тел Авив демантираше дека е отворен преминот Рафа кон Египет, иако според ББЦ бил дозволен транспорт на само 150 илјади литри нафта неопходни за работа на болниците.

Израелските ракети погодија цели и во на проирански Хезболах во јужен Либан. Бомбардирањето на 22 градови е одговор на ракетирањето врз Израел од територијата на Либан, соопштија од израелската армија.

Американскиот претседател по враќањето Израел, во обраќањето до нацијата ја пронајде точката на поврзување на состојбата во Израел со Украина. Според него Иран, ги поддржува и Русија и Хамас, но и Хезболах.

„Иран ја поддржува Русија во Украина, но исто така и Хамас и другите терористички групи во регионот. И натаму ќе ги сметам за одговорни. САД и нашите партнери се за подобра иднина на Блискиот Исток за да се реализираат проекти со соседите, пред сè Индија“, изјави Џозеф Бајден претседател на САД.

Во говорот Бајден најави и нова помош за Израел, Украина и за други кризни подрачја. Според извори од Белата куќа, се планираат околу 100 милијарди долари.

За обвинувањата на Бајден, возвратија религиозните водачи од Ирак. Еден од шиитските водачи побара сите муслимани мирно да протестираат на границите на Палестина и Израел.

„Да не се мешаат владите, арапите мирно да се собираат и да протестираат на овие граници. Тоа треба да се направи во делот кон Египет, Сирија Либан и Јордан. Протестите да се одржуваат без употреба на оружје“, изјави Муктада Ал-Садр лидер на движењето Садристи.

На Блискиот Исток пристигна и шефот на Светската организација Гутереш. Во Каиро побара да не се гранатираат болниците или училиштата во Појасот.

„Дојдов на Блискиот Исток во време на ескалација кризата каква што регионот нема забележано децении. Таа е предизвикана со нападот на Хамас и со заложниците. Иако е војна, предност имаа животите на децата и на жените, новинарите, лекарите, хуманитарните работници. Ќе го осудиме секое гранатирање на болница или училиште“, изјави Антонио Гутереш генерален секретар на ООН.

Во светот продолжуваат пропалестинските и произраелските протести. Првите се побројни, се бара запирање на војната во Њујорк, арапските земји, но и во Латинска Америка.

 

 

Зоран Богатинов