Инспекторат за земјоделство: Инсектицидот „Ланате“ 10 години е забранет кај нас
Многу прашања отвори тројното труење со инсектицидот „Ланате“. Како воопшто се нашол во семејството и завршил во питата од праз? Од Инспекторатот за земјоделство велат дека инсектицидот 10 години е забранет, а инспекторите досега не регистрирале трговија или негов увоз. Оттаму велат дека веројатно станува збор за стари залихи. „Анима Мунди“ лоцира пропуст во институциите. Од затруените, едно лице почина, две се во тешка здравствена состојба...

Бабата и синот сè уште се борат за живот на скопските клиники, по семејниот ручек кој заврши кобно за младата жена откако јаделе пита со праз во која е пронајден отровот „Ланате“.
Овој пестицид 10 години е забранет за продажба во земјава. Труењето на семејството го отвори прашањето како се нашол во нивниот дом и како завршил во питата со праз. Од Инспекторатот за земјоделство се сомневаат дека станува збор за стари залихи кои ги поседувало семејството оти овој отров се користел против глувци. За МТВ велат дека постојано прават инспекциски контроли, досега не е забележан на пазарот во земјава, го нема во земјоделските аптеки, ниту е пријавен при увоз. Нема сознанија дека се продава нелегално, на црниот пазар.
Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ велат дека со години смртоносните отрови се злоупотребуваат. Се расфрлаат во паркови, детски игралишта, училишни дворови, влезови на згради, ресторани – со цел масовни труења на животните. Само со вдишување на отровот, за десетина минути умираат животни кои тежат и по повеќе од 40 килограми. Од „Анима Мунди“ додаваат дека сега цело семејство е жртва на страотниот пестицид „ланате“.
„Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но, од страна на институциите со прст не е помрднато, ниту една единствена мерка никогаш не била преземена, туку само некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на пиар, а најчесто само игнорирање и молк“ – велат од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“.
Истрагата треба да покаже како отровот „ланате“ заврши во питата со праз. Полицијата покрена истрага во координација со јавен обвинител. Случајот во МВР беше пријавен пред два дена, а семејството се затруло на 15-ти месецов.
Андријана Ѓурческа
