Ескалира кризата на Блискиот Исток
Блискиот Исток врие како буре барут. Во Ирак нападнати воени бази во кои биле стационирани американски војници. Израел евакуира цивили од границата со Либан. Жителите на Газа постојано на удар на бомби, чекаат хуманитарна помош...

Израелската армија има зелено светло за копнената офанзива на Појасот Газа, кога за тоа ќе биде целосно подготвена. Според Генералштабот, армијата во ноќниот напад ликвидирала еден од лидерите на Хамас, Осама Мазини, предводник на Шура советот, политичко крило на организацијата. Во Газа бомбардирана и православна црква, пишуваат арапските медиуми. Има жртви и повредени. Во екот на хуманитарната криза во Појасот и постојаното бомбардирање, официјален Тел Авив демантираше дека е отворен преминот Рафа кон Египет, иако според Би-би-си, бил дозволен транспорт на само 150 илјади литри нафта неопходни за работа на болниците.
Израелските ракети погодија цели и во проирански Хезболах, во јужен Либан. Бомбардирањето на 22 градови е одговор на ракетирањето врз Израел од територијата на Либан, соопштија од израелската армија.
„Евакуацијата на населението од северен Израел на границата со Либан ќе им ја овозможи слободата за маневрирање на израелските сили во активностите против терористичката група на Хезболах“, изјави контраадмирал Даниел Хагари-израелски одбранбени сили.
Во Ирак и во Сирија американските војници се под постојана тревога од можен напад. Со дронови е нападната база Аин ал Асад, аеродромот и трупите во близина на Багдад. Американскиот претседател по враќањето од Израел, во обраќањето до нацијата ја пронајде точката на поврзување на состојбата во Израел со Украина. Според него, Иран ги поддржува и Русија и Хамас, но и Хезболах.
„Иран ја поддржува Русија во Украина, но исто така и Хамас и другите терористички групи во регионот. И натаму ќе ги сметам за одговорни. САД и нашите партнери се за подобра иднина на Блискиот Исток за да се реализираат проекти со соседите, пред сè Индија“, изјави американскиот претседател, Џозеф Бајден.
Во говорот Бајден најави и нова помош за Израел, Украина и за други кризни подрачја. Според извори од Белата куќа, планирани се околу 100 милијарди долари.
За обвинувањата на Бајден, возвратија шиитските водачи во Ирак. Еден од нив побара сите муслимани мирно да протестираат на границите на Палестина и Израел.
„Да не се мешаат владите, арапите мирно да се собираат и да протестираат на овие граници. Тоа треба да се направи во делот кон Египет, Сирија, Либан и Јордан. Протестите да се одржуваат без употреба на оружје“, изјави лидерот на движењето Садристи, Муктада Ал-Садр.
Хамас посакува целиот регион да завојува, вели претседателката на Европската комисија во пресрет на самитот на Унијата со САД на највисоко ниво, што треба да се одржи по повеќе години.
„Видовме дека улиците во арапските земји се полни со гнев, затоа ризикот од регионалното прелевање на кризата е реален. Токму тоа сака да го постигне Хамас. За да се прекине неодамнешното историско помирување меѓу Израел и арапските соседи. Целта на Хамас е и истребување на Израелците од светата земја. Израел има право да се брани“, изјави претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На Блискиот Исток пристигна и шефот на светската организација Гутереш. Во Каиро побара да не се гранатираат болниците или училиштата во појасот.
„Дојдов на Блискиот Исток во време на ескалација на кризата каква што регионот нема забележано децении. Таа е предизвикана со нападот на Хамас и со заложниците. Иако е војна, предност имаат животите на децата и на жените, новинарите, лекарите, хуманитарните работници. Ќе го осудиме секое гранатирање на болница или училиште“, изјави генерален секретар на ООН, Антонио Гутереш.
Во светот продолжуваат пропалестинските и произраелските протести. Првите се побројни, се бара запирање на војната во Њујорк, арапските земји, но и во Латинска Америка.
Зоран Богатинов
