ВМРО – ДПМНЕ прифаќа работни групи за изборите, чека само од власта да каже датум и време
Нема најава кога ќе заседаваат работните групи што треба да ги испеглаат разликите околу датумот на претстојните избори. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека е подготвен да го прифати тоа што ќе биде предложено. Според Ковачевски датумот на изборите треба да го договорат сите политички партии, а не само две...

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатлива понудата од премиерот Ковачевски за формирање работни групи за утврдување на датумот за изборите. Оттаму бараат, средбата што поскоро да се случи. Првиот момент, кога од другата страна или од Талат Џафери ќе добиеме сигнал, ние сме подготвени да номинираме претставници – вели лидерот на партијата Мицкоски. Тој посочи дека има проблем со Државната изборна комисија којашто, според него, не работи согласно Законот, бидејќи од потребните седум, сега има шест членови.
„Како што ќе каже Ковачевски за датум и ден, само нека се сретнат работните групи и нека разговараат. Тоа што они ќе го предложат, тоа ќе го разговараме. Не сакаше лидерска средба, добро, сакаше работни групи, во ред еве прифаќаме работни групи. Сега ја одолговлекува целата оваа ситуација не знам од кои причини“, изјави Мицкоски.
Социјалдемократите се повикуваат на ставот на премиерот Ковачевски. Според него, датумот на изборите треба да го договорат сите политички партии, а не само две, како и дека работните групи на партиите треба да го договорат терминот за избори и другите детали во врска со нив. Премиерот Ковачевски беше воздржан за предложениот датум 8-ми мај, како опција кога парламентарните избори, би можеле да се одржат во исти ден со вториот круг од претседателските.
Претседателот на Собранието Џафери за МТВ вели дека тој е подготвен во секое време да одржи средба со претставниците на работните групи, но и дека тој нема да биде иницијатор на истата.
Марина Стојанова-Тонева
