Безбедносната состојба во земјава е стабилна
Претседателот Стево Пендароски за наредната недела најави свикување на Советот за безбедност поради кризата на Блискиот Исток, војната во Украина и поради последните случувања на северот на Косово. Денеска пак министерката за одбрана Славјанка Петровска во Охрид изјави дека безбедносната состојба во нашата држава е стабилна, при што посочи дека безбедносните служби будно ги следат случувањата и доколку има потреба соодветно ќе реагираат. Петровска рече дека засега нема закани кон еврејската заедница во земјава …

Претседателот Стево Пендаровски наредната недела ќе го свика Советот за безбедност. Теми на разговор ќе бидат кризата на Блискиот Исток, војната во Украина, последните случувања на северот на Косово, како и платениците кои се наши државјани, а се борат на едната или другата страна и потоа се враќаат во земјава. На тоа посебно треба да се внимава предупредува шефот на државата. Секој нов воен конфликт предизвикува пореметувања и промени во функционирањето на државите, без разлика на неговата далечина. Ова во Охрид го изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска при што посочи дека она што за нас како држава и за нашите граѓани е важно е дека во моментов нема лоцирано закана за нашата безбедност.
„Институциите, службите, безбедносно разузнавачката заедница будно ги следат случувањата, разменуваат информации и на национално ниво, меѓутоа се разбира и во рамките на НАТО Алијансата и соодветно се подготвуваат доколку се лоцира некаков предизвик да одговорат соодветно“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Голем број од европските земји поради закани започнаа да воведуваат мерки за заштита на Евреите, синагогите и еврејските културно историски споменици.
Министерката за одбрана смета дека во моментов нема реална опасност кон припадниците на еврејската заедница во земјава, ниту пак по објектите кои тие ги користат.
„Координацијата на безбедносно разузнавачките служби и информациите кои се споделуваат во овој момент говорат дека нема закана, без разлика дали е тоа индивидуално кон припадниците на една заедница или кон некакви објекти. Меѓутоа тоа не значи дека институциите оставаат само на таа информација. Ќе ги следиме случувањата доколку е потребно, доколку се укаже некаков вид на безбедносна закана се разбира не само Евреите туку секој еден граѓанин во нашата држава ќе биде соодветно заштитен“, додава министерката Петровска.
Министерката Петровска упати апел до завојуваните страни час поскоро да седнат на преговарачка маса, бидејќи ништо не вреди повеќе од човечките животи.
Сашо Нелоски
