Труење

Поткрената истрага за тројното труење со инсектицидот „Ланате“

20.10.2023 15:25

Многу прашања отвори тројното труење со инсектицидот „Ланате“. Како воопшто се нашол во семејството и завршил во питата од праз, кога 10 години е забранет во земјава. Од Инспекторатот велат дека веројатно станува збор за стари резерви, бидејќи инспекторите досега не регистрирале трговија или увоз. Мажот, чијашто сопруга почина, е во стабилна состојба. Мајката е сè уште во кома. „Анима мунди“ лоцира пропуст на институциите...

Здравствената состојба на мажот се подобрува, неговата мајка е во кома и сè уште се бори за живот на скопските клиники по семејниот ручек кој заврши кобно за снаата. Во питата со праз имало отров „Ланата“. Настанот се случил во семејниот дом, а нивниот сосед повикал брза помош. Од Клиниката за токсикологија објаснуваат дека станува збор за труење, кое често завршува трагично, го напаѓа нервниот систем, страдаат органите, смртта настапува поради нарушување на дишењето.

„За едно дете е доволно четвртина од мала лажичка или само да лизне, за возрасен можеби е доволно еден грам, но зависи и од типот на отровот, бидејќи станува збор за една голема палета пестициди коишто дејствуваат на истиот механизам. олем дел од нив се забранети за употреба во ЕУ“, изјави проф. д-р Жанета – Клиника за токсикологија.

Пестицидот „Ланата“ 10 години е забранет за продажба во земјава. Труењето на семејството го отвори прашањето како се нашол во нивниот дом и завршил во питата со праз. Од инспекторатот за земјоделство се сомневаат дека станува збор за стари резерви кои ги поседувало семејството оти овој отров се користи против глувци. Оттаму за МТВ велат дека постојано прават инспекциски контроли, досега не е забележан на пазарот во земјава, го нема во земјоделските аптеки, ниту е пријавен при увоз. Нема сознанија дека се продава нелегално, на црниот пазар.

„Доколку го забележиме имаме ингеренции да го одземеме, да го уништиме, тој не смее да постои на пазарот. Не знаеме дали се наоѓа на црниот пазар, секогаш може да има претпоставки. Една од тие би била дека можеби го чувале во домашни складишта, а го имале претходно набавено. Немаме информација дали е набавен од некаде, купен или слично“, изјави Јане Станковски – директор на Инспекторатот за земјоделство.

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ реагира дека смртоносните отрови со години се злоупотребуваат. Се расфрлаат во паркови, детски игралишта, училишни дворови, влезови на згради, ресторани – со цел масовни труења на животните. Оттаму ги критикуваат институциите.

„Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но од страна на институциите со прст не е помрднало, никогаш не била преземена ниту една единствена мерка, туку само некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на пиар, а најчесто само игнорирање и молк“ – велат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Истрагата треба да покаже како отровот „Ланата“ заврши во питата со праз. Полицијата поткрена истрага во координација со јавен обвинител.

 

 

Андријана Ѓурческа