Хуманитарната криза во Газа го достигнува врвот
Блискиот Исток врие како буре барут. Во Ирак се нападнати воени бази во кои биле стационирани американски војници. Израел евакуира цивили од границата со Либан поради судирите со Хезболах. Жителите на Газа кои постојано се на удар на бомби сè уште ја чекаат хуманитарната помош преку Египет, каде што замина британскиот премиер. Во Газа гранатирана грчка православна црква, која е трета најстара во светот. Американскиот претседател Бајден направи паралела со ситуацијата во Украина – вели, Хамас и Путин се различни закани, но заедничко им е тоа што сакаат целосно да ја уништат демократијата.

Хуманитарната криза во Газа го достигнува врвот. Во втората седмица неселективно бомбардирање, болниците и училиштата без струја, вода и храна. Исто како и двомилионското население. Последиците од војната никого не оставаат рамнодушен. Генералниот секретар Гутереш пристигна на преминот Рафа на египетско-израелската граница, кој и натаму е затворен поради најавената копнена офанзива на војската. Редици камиони го очекуваат подигањето на рампата.
„Зад овие ѕидови има два милиона луѓе кои страдаат, нема вода, храна, нема лекови, нема гориво. Тие се обидуваат да преживеат. Камионите со помош не се само обични возила, тие се спас за Газа. Тие ја одредуваат границата меѓу животот и смртта. Но не се движат, тоа мора да се реши што побрзо“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на Обединетите нации.
Сепак, единствениот премин останува затворен најверојатно поради израелскиот план против борците на Хамас кои можат како цивили од Газа да пребегаат во Египет.
„Планот има три етапи. Прво ќе ги уништиме воената и владината инфраструктура на Хамас. Тоа нема да е лесно. Второ, ова ќе одземе повеќе време, ќе мора да го стабилизираме животот таму, бидејќи во прашање е сосема различен систем и трето, за тоа ни треба целосна слобода. Операцијата нема да трае само еден ден, за жал ниту еден месец“, изјави Јоав Галант – министер за одбрана на Израел.
Американскиот претседател по враќањето од Израел, во обраќањето до нацијата ја пронајде точката на поврзување на состојбата во Израел со Украина. Според него, Иран ги поддржува и Русија и Хамас, но и Хезболах.
„Иран ја поддржува Русија во Украина, но исто така и Хамас и другите терористички групи во регионот. и натаму ќе ги сметам за одговорни. САД и нашите партнери се за подобра иднина на Блискиот исток за да се реализираат проекти со соседите, пред сè Индија“, изјави Џозеф Бајден – претседател на САД.
Премногу емоционално и неодговорно за лидер на светска сила е оценката на Кремљ за обраќањето на шефот на Белата куќа.
„Ова се гледа со голо око. Многу загрижува што во овој опасен момент за меѓународната ситуација, мислам на војната на блиски исток, Бајден е премногу емоционален во адресирањето на другите светски државници. Реториката не одговара на лидер од таков калибар и за рускиот претседател и за нас е неприфатлива“, рече Дмитриј Песков – портпарол на рускиот претседател Путин.
И додека вината за војната се префрла меѓу лидерите во светот, во Газа сè уште е непозната судбината на заложниците на Хамас. Францускиот претседател Макрон имаше видеоврска со семејствата на киднапираните. Вети дека ќе направи се заложниците безбедно да се вратат во Франција.
По повикот на шиитските религиозни водачи, почнаа протестите на арапите во околните држави. На границата Јорданците го блокираа автопатот што води кон втората енклава во Израел, Западниот брег и таму, во Хеброн, се одржуваат масовни демонстрации поради загинатите Палестинци.
Зоран Богатинов
