Куманово

Значајно зголемен бројот на пожари во кумановско

22.10.2023 09:23

Значајно е зголемен бројот на пожари. Невообичаено во октомври досега кумановските пожарникари интервенирале на дури 120 пожари на отворен простор. Пожарникарите во еден ден имале дури 20 интервенции. Велат апелите не даваат резултати, жителите продолжуваат да палат...

За неполни три месеца кумановската противпожарна единица регистрира над 380 интервенции. Бројката е загрижувачка велат надлежните. За споредба од почетокот на годината, односно за првите седум месеци, биле регистрирани 228 пожари. Станува збор за запалени стрништа и сува трева. Пожарникарите велат апелите не даваат резултати, жителите продолжуваат да палат.

„132 интервенции во август, 136 во септември и до денеска во октомври 119, што не е забележано досега. Јас 34 години активно работам во оваа служба вакво нешто не се случило. Во неделата и понеделникот бележиме 34 интервенции за две деноноќие. Само во понеделникот имаме 20 интервенции и тоа се палења на отворен простор стрништа и сува трева“, истакна Деан Илиевски, командир ТППЕ Куманово.

Огнот помогнат со ветер велат бега од контрола и предизвикува големи материјални штети. Најголем процент од интервенциите се во приградските и руралните средини.

Во кумановската пожарна за само еден ден всушност за два часа пристигнале дури 15 пријави за интервенции за пожари на отворен простор на различни локации.

Поради зголемениот број на интервенции вработените во противпожарната единица во Куманово деновиве се случувало да работат и од 15 до 18 часа дневно.

 

Елена Георгиевска