Египет

Светските лидери на мировен самит во Каиро

21.10.2023 09:57

Се погласни стравувањата од ширење на конфликтот на Блискиот Исток. Во Египет денеска ќе се одржи Самит за кризата во Газа, во присуство на високи претставници на САД, главниот сојузник на Израел. Хамас ослободи две Американки, мајка и ќерка. Палестинската група нуди ослободување заложници во замена за прекин на огнот. Преминот Рафа сè уште затворен. Бајден вели дека помошта во Газа најверојатно ќе влезе за ден или два...

Светските лидери и министрите за надворешни работи во Египет на разговори за ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас. На мировниот самит во Каиро присуствуваат блискоисточните лидери, јорданскиот крал, кралот на Бахреин и кувајтскиот престолонаследник шеикот Ал Сабах, претседателот на Палестина и голем број европски лидери. Делегати испраќаат и Русија и Кина. Бројот на загинати од двете страни на израелско-палестинскиот конфликт е близу пет илјади. И натаму отворањето на преминот Рафах кон Египет е неизвесно. И покрај ветувањата, камионите со хуманитарна помош сè уште чекаат. Израел нареди евакуација на град долж границата со Либан. Во текот на ноќта извршени голем број напади врз позициите на Хезболах, либанската влада го повика Израел да прогласи 48-часовен прекин на огнот.

„Позицијата на египетскиот народ е јасна и искрена. Ние сме против тоа што се случува во Палестина, убивање на невини луѓе и колонизација на палестинските територии. Нивните оправдувања се неубедливи, а нападот на цивили е неприфатлив“, изјави Мостафа Елсајед.

И покрај нефункционалниот Конгрес, претседателот Џо Бајден ги пречека лидерите на Европската унија во Белата куќа со ветување дека САД сепак можат да достават помош во вредност од десетици милијарди долари за војната во Украина и Израел.

„Израел има право на самоодбрана во согласност со хуманитарното право. Ние стоиме со Израел и против теророт. Во исто време, Палестинците исто така страдаат од терористичките акции на Хамас. Како што и двајцата рековме, Хамас не го претставува палестинскиот народ. САД и ЕУ значително ја зголемуваат хуманитарната помош за цивилите во Газа. Ова е клучно со оглед на нивното страдање“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

„Добив ветување од Израелците и претседателот на Египет дека преминот Рафах ќе биде отворен. Автопатот мораше да се асфалтира бидејќи беше во многу лоша состојба. И верувам дека во следните 24 до 48 часа ќе наидат првите 20 камиони“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Британскиот премиер разговараше со египетскиот претседател Ал-Сиси и претседателот на палестинската управа Махмуд Абас како дел од дипломатската турнеја на Блискиот Исток. Сунак ја истакна важноста да се избегне поширок регионален конфликт и да се спречат дополнителни цивилни жртви. Во меѓувреме Хамас ослободи две американски заложнички.

„Мајка и ќерка беа ослободени од рацете на терористичката организација Хамас и во овој момент тие се во рацете на борците на безбедносните сили на државата Израел. Двете беа киднапирани од терористичката организација Хамас во убиствениот ненадеен напад минатата сабота“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Демонстрации за поддршка на Газа и осуда на израелското бомбардирање на опколената енклава се одржаа низ арапскиот свет, вклучително и во земјите кои ги нормализираа односите со Израел. Во Египет, каде што јавните собири се забранети откако војската ја презеде власта во 2013 година, десетици илјади излегоа на улиците на Каиро и другите градови. Во Багдад, неколку илјади луѓе демонстрираа вклучително и симпатизери на Хашед Ал-Шааби, коалиција на вооружени фракции блиски до главниот непријател на Израел, Иран. Во Тунис, илјадници луѓе се собраа пред француската амбасада на протест против поддршката на Западот за Израел.

 

Маријана Димовска