Археологија

Состојбата со културното наследство е загрижувачка

21.10.2023 12:36

Културното наследство во земјава е загрозено, бидејќи државата не издвојува доволно средства за негова заштита. Според експертите од оваа сфера недоволната грижа може да остави трајни последици на дел од културно-историските споменици и археолошки локалитети. Тие бараат од надлежните да се издвојуваат повеќе пари за да го сочуваме ова наше богатство кое е причината за доаѓање на најголемиот број од туристите кои ја посетуваат нашата држава...

Културното наследство во нашата земја е во многу лоша состојба. Не само што не се издвојуваат финансиски средства за истражувачки проекти, туку премалку се вложува за да се сочува и она што е веќе откриено и до одреден период било заштитено. Ова е ставот на дел од македонските експерти кои Охрид го посочуваат како пример за човековата негрижа, бидејќи е под заштита на УНЕСКО, а со години наназад е во опасност да биде ставен на Листата на загрозени подрачја.

„Веднаш да кажам за Самуиловата тврдина, па и за Плаошник како најзначајни локалитети досега што ги имаме реставрирано, конзервирано и презентирано, бидејќи не се води доволна грижа за нивно одржување. Што значи ако одите сега на Самуиловата тврдина ќе видите зарастени дрвја и вегетација по ѕидовите кои што ги уништуваат ѕидовите. Вегетацијата тоа го прави“, изјави Паско Кузман, археолог.

Има желба да се заштитува културното наследство, има и ентузијасти кои тоа би го правеле, но државата мора да издвои поголеми средства.

„Треба многу да инвестираме за да ја подобриме состојбата во заштитата и презентацијата на културното наследство и тоа да го направиме ресурс кој што ќе почне да враќа бенефит на државата, ќе почне да враќа пари назад. Моментално во оваа состојба најголем дел од археолошките локалитети и споменици на културата не се во состојба која што може да биде доведена за презентација“, изјави Орданчо Петров, Институт за старословенска писменост-Прилеп.

Нашата земја, а особено Охрид во светот се препознатливи по богатото културно наследство. Тоа е причината што доаѓаат илјадници туристи од целиот свет, а тоа е обврска повеќе да го сочуваме за идните генерации.

 

Сашо Нелоски