Првиот конвој со хуманитарна помош влезе во Газа
Првиот конвој со хуманитарна помош влезе во Газа. По две недели од конфликтот граничниот премин Рафа беше отворен за влез на камиони со медицинска опрема и храна. Израел ги повика своите граѓани да ги напуштат Јордан и Египет. Светските лидери и шефови на дипломатии заседаваат по ескалацијата на конфликтот...

20 камиони со лекови, медицинска опрема и ограничени количини храна од Египет влегоа во опколениот Појас Газа. Отворањето на преминот Рафах доаѓа на 15-от ден од конфликтот меѓу Израел и Хамас. Единствениот пат кон Газа што не е контролиран од Тел Авив, беше отворен по барање на Вашингтон. На египетската страна пред преминот се наоѓаат 170 натоварени камиони, кои чекаат да бидат доставен, потврдија од СЗО во Каиро.
Отворањето на граничниот премин поздравено од самитот во Египет, организиран со цел деескалација на конфликтот меѓу Израел и Хамас. Десетина регионални лидери, високи официјални претставници на Западот и делегати од Русија и Кина разговараат за механизмите за прекин на огнот. Во меѓувреме Хамас ослободи две американски заложнички.
„Го чекав овој момент долго време. Две недели не спиев. Зборував со ќерка ми. Многу е среќна и чека да се врати дома. Нејзината мајка има мала гребнатинка на раката, но таа ми рече дека не е ништо. Зборував претходно со претседателот Бајден. Му благодарам за грижата, за помошта за нивно ослободување“, рече Ури Раанан, татко и поранешен сопруг на ослободените заложнички.
„Мајка и ќерка беа ослободени од рацете на терористичката организација Хамас и во овој момент тие се во рацете на борците на безбедносните сили на државата Израел. Двете беа киднапирани од терористичката организација Хамас во убиствениот ненадеен напад минатата сабота“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.
Израел нареди евакуација на град долж границата со Либан. Во текот на ноќта извршени голем број напади врз позициите на Хезболах. Либанската влада го повика Израел да прогласи 48-часовен прекин на огнот.
„Се надевам дека работите ќе се смират, но работите што ги гледаме во вестите не се смирувачки. Ова не е војна, ова е геноцид“, рече Мустафа Тахини, раселено лице од Јужен Либан.
„Животот е толку скап. Не можеме да живееме, а згора на кризата со трошоците за живот што ја имаме сега и војна. Не можеме да се справиме со тоа“, вели Насмие Сроури, раселено лице од Јужен Либан.
Демонстрации за поддршка на Газа и осуда на израелското бомбардирање на опколената енклава се одржуваат низ арапскиот свет, вклучително и во земјите кои ги нормализираа односите со Израел.
Маријана Димовска
