Туризам

Охрид и во есен полн со туристи

21.10.2023 15:30

И овој есенски продолжен викенд Охрид полн со туристи. Голем број странски групи секојдневно го посетуваат главниот туристички центар. Туризмот во 2023 година урива рекорди...

После успешната летна туристичка сезона Охрид и во есен полн со туристи. Забележително е присуство на голем број странски групи а најактуелни се балканските кружни тури.

Според туристичките работници 2023 испишува рекорди по посетеност и број на ноќевања, како никогаш претходно годинава имаше туристи од сите страни на светот.

Моментално најбројни се групите од Турција, кои се дел од Балканските кружни тури.

„Видно може да се забележат туристи од соседните земји, туристи од Турција, туристи од Скандинавските земји, а сето тоа допринесува Охрид да живее во една убава раздвижена атмосфера“, вели Челик Асим, партнер агент на туроператорот ТУИ.

Туристичките работници велат веќе се прават подготовките и се склучуваат договорите со туроператорите за следната туристичка сезона.

„Веќе потпишуваме договори за следната сезона, најавите се добри значи договорите се во тек некои се веќе потпишани така да енергично се подготвуваме за наредната сезона 2024 која се надеваме дека ќе биде уште подобра од оваа“, додава Асим.

За идната година се очекува зголемување на бројот на холандските и англиските туристи за 15-20 проценти.

 

Соња Рилковска