Чибишев: Да се преиспита леснотијата со која може да се набават забранети пестициди
Низа дилеми во јавноста отвори фамилијарната трагедија по труењето со питата во којашто имало Метомил-забранет пестицид за употреба. Полицијата истражува. 57-годишниот маж на починатата е во стабилна состојба, неговата мајка сè уште се бори за живот. За најмногу два часа настанува врвот на клиничките симптоми ако се внесе ваков отров во организмот. Доколку медицински не се интервенира, завршува со фатални последици-велат токсиколозите...

Последниот несреќен случај е врвот на ледениот брег, што се случува во последните неколку години и уште поинтензивно во последните неколку месеци, вели клиничкиот токсиколог, Андон Чибишев. Апелира до надлежните да се преиспитаат за леснотијата со која може да се набави забранетиот инсектицид Метомил, со кој се отрови скопското семејство.
Пестицидот што се користи за заштита на земјоделските производи, доколку се внесе во човековиот организам, за најмногу два часа може да биде причина за смрт, вели Чибишев. Но она што загрижува е честата симптоматологија кај пациенти што укажува на недозволена употреба и на други пестициди во прехранбените производи.
По семејното труење со пита со праз во која имало пестицид, мажот е во стабилна состојба, неговата мајка се бори за живот, а неговата сопруга почина неколку часа по кобниот ручек што го приготвиле сами дома. Истражните органи по земените доказни материјали за вештачење анализираат како овој опасен отров, забранет за употреба од 2015-тата се нашол на трпезата.
Катерина Топалова
