Новиот Закон за плати во јавниот сектор сè уште е во драфт-верзија
Новиот закон со кој треба да се регулираат платите во јавниот сектор и коефициентите на примањата на функционерите сè уште во драфт верзија. Министерот Алиу вели дека е пратен до работната група и со него ќе се создаде рамка за платниот систем кој се соочува со дисторзија на примањата и ситуации на исти работни позиции – различно платени кадри...

Во различни институции вработените со сличен профил имаат различни плати, потенцираше министерот за информатичко општество и администрација. Алиу очекува дека проблемот ќе се надмине со новиот Закон за плати, верува дека тој ќе даде рамка за целиот платен систем во државата. Но вели законот сè уште не е изготвен, туку е во драфт-верзија.
Во драфт-верзија е и Законот за киберзаштита на населението и формирање агенција. Ресорниот министер вели дека во неговото креирање се вклучени приватниот, невладиниот и владиниот сектор, како и науката, за да се добијат најдобрите решенија.
Досега за истиот пристигнале преку 90 коментари и забелешки од сите заинтересирани страни.
Околу внатрешната ревизија што ја спроведе Министерството за информатичко општество и администрација, Алиу повтори дека резултатите покажале недоверба на компаниите во институциите поради што и многу малку од нив се подготвени да аплицираат на јавни тендери.
Ревизорски извештаи констатираа дека за периодот 2021 до средината на годинава од 18 тендери, 14 ги добила иста фирма. Верува дека од податоците на ревизијата ќе имаат јасна цел како треба да се подобрат внатрешните процеси, но и нашата комуникација со приватниот сектор. Повтори и дека министерството планира да направи ревизија за десетгодишен период.
Ана Јосифоска-Тодоровска
