По две недели се кренаа рампите на преминот Рафах
Првиот конвој хуманитарна помош влезе во Газа. По две недели се кренаа рампите на преминот Рафах. Израел ги повика своите граѓани да ги напуштат Јордан и Египет. Од Каиро светските лидери повика на мировно решение. Обединетите нации го осудија нападот на Хамас врз Израел, арапските лидери бомбардирањето на Газа. Тел Авив чека над 200 заложници да се вратат дома...

И покрај звуците од артилериски оган, 20 камиони со лекови, медицинска опрема и храна од Египет влегоа во опколениот Појас Газа. Кревањето на рампата на преминот Рафах доаѓа на 15-от ден од конфликтот меѓу Израел и Хамас. Единствениот пат кон Газа што не е контролиран од Тел Авив, беше отворен по барање на Вашингтон. Меѓународната заедница ја истакна важноста на првиот чекор.
„Под директива на политичкото раководство, храна, вода и лекови беа транспортирани од Египет преку преминот Рафах до населението само во јужниот дел на Појасот. Гориво не влегува во Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.
Египетскиот претседател, домаќин на самит во Каиро со цел деескалација на конфликтот Израел-Хамас. Без присуство на САД, Израел и Иран испратени пораки за прекин на огнот и почитување на меѓународните конвенции.
„Египет јасно го осудува таргетирањето, убивањето или заплашувањето на цивили, а во исто време го изразува своето чудење што светот стои настрана и ја гледа катастрофалната хуманитарна криза што погодува два и пол милиони луѓе во Појасот Газа“, изјави Абдел Фатах ал-Сиси, претседател на Египет.
„Нашите краткорочни цели мора да бидат јасни. Одржлива хуманитарна помош и безусловно ослободување на заложниците. Потребни се итни напори за запирање на насилството кое го зголемува ризикот од прелевање. Апелирам за хуманитарен прекин на огнот“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
„Овој конфликт, пријатели мои, не започна пред две недели и нема да престане ако продолжиме по оваа крвава патека“, изјави Крал Абдула од Јордан.
Палестинскиот претседател Абас предупреди против обидите за раселување на жителите на Газа надвор од границите.
„Предупредуваме против какво било иселување на Палестинците од нивните домови или нивно раселување од Ерусалим или Западниот Брег. Ќе останеме цврсти на нашата земја, без разлика на предизвиците“, изјави Махмуд Абас, претседател на Државата Палестина.
Во меѓувреме Хамас ослободи две американски заложнички со посредство на Катар и велат дека ќе ослободат уште луѓе доколку Тел Авив запре со нападите. Израел нареди евакуација на град долж границата со Либан, нападнати позиции на Хезболах. Демонстрации против војната на Блискиот исток се одржуваат низ САД, Велика Британија, Европа и арапските земји. Поради влошување на ситуацијата со антиизраелски протести, Тел Авив ги повика граѓаните да ги напуштат Јордан и Египет.
Маријана Димовска
