Случај „Изгрев“: Миладинови добија казна затвор
Две години и шест месеци за Ѓорги Миладинов досуди основниот суд за перење пари во случајот со струшкиот хотел Изгрев. Неговиот брат Димитар за истото дело првостепениот суд го осуди на две години. Обвинетите не се задоволни од пресудата. Најавуваат жалба пред повисокиот суд...

Затвор за струшките браќа Миладинови за перење пари во случајот со хотелот Изгрев. Две години за Димитар, а за Ѓорги две и пол години робија гласи пресудата на кривичниот суд. Освен тоа ќе мора и солидарно да ја намират штетата. Браќата веќе имаат пресуда од судот во Стразбур каде се жалеа на неосновано држење во притвор каде поминаа година и девет месеци. Европскиот суд пресуди во нивна корист, по што Македонија треба да ги обештети со по три илјади евра.
„Одлуката во Стразбур е донесена во наша корист, дека притворот е незаконски, незаконски бевме во притвор, незаконски ни беа уништени бизнисите, немавме право да се браниме од слобода, нашиот бизнис да тече нормално, така што се е уништено. Тоа е одлуката од Стразбур“, изјави обвинетиот Ѓорги Миладинов.
Миладинови кои имаа заедничка фирма со МПЦ беа обвинети за малверзации со хотелот „Изгрев“. Првично беа осудени за перење пари, измама со кредити и за давање лажни податоци, за што добија шест и пол години затвор, но апелацискиот суд ја укина оваа пресуда и го врати предметот на повторно одлучување.
Судскиот процес за случајот Изгрев почна во 2008-та година. Денеска е изречена втората првостепена пресуда. Струшките браќа не се задоволни од пресудата, правдата повторно ќе ја бараат пред повисокиот суд.
Анита Димитријевска
