Дипломатска петорка на средби во Косово и Србија
Големата петорка, европски и американски емисари денеска беа во посета на Косово и Србија. Целта е да се најде нов обид за дијалог меѓу Белград и Приштина. Остварија средби со премиерот Курти и претседателот Вучиќ. Има план за продолжување на дијалогот, вели специјалниот претставник Лајчак. Сите петмина емисари го понудија својот нов план за иднината и сум благодарен. Дискусиите мора да продолжат, изјави Курти по средбата. Претседателот Вучиќ оцени дека денешната средба била тешка, но порача дека ќе бара начин како да ја заштити Србија...

По неуспехот на последниот дијалог во Брисел меѓу Србија и Косово, и по вооружениот конфликт во Бањска, големата петорка предводена од специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак, после Приштина допатува во Белград на средба со претседателот Александар Вучиќ во обид за продолжување на дијалогот за да се намалат растечките тензии меѓу Србија и Косово.
И додека Вучиќ на Инстаграм кусо напиша дека средбата со петорката била тешка и дека верува дека во наредниот период ќе се најде излез од кризата, како и да очекува важни средби во Брисел наредните денови, Лајчак по средбата порача дека петорката сака јасно да стави до знаење дека силно го осудува нападот врз косовската полиција на 24-ти септември и да сите извршители на нападот мора да бидат изведени пред лицето на правдата со очекување за целосна соработка на Србија.
Тој кажа дека Белград и Приштина мора да работат на деескалација и нормализација на односите и да очекува двете страни да почнат да ги исполнуваат своите обврски.
„Како што многупати кажавме, нема европска иднина ниту за Србија, ниту за Косово, без нормализација на нивните односи и имплементација на усвоените договори за нормализација, и сегашните и претходните. Сакаме да гледаме стабилен, просперитетен и европски регион на Западен Балкан и затоа дијалогот е од клучно значење. Нашиот разговор со претседателот Вучиќ и премиерот Албин Курти ќе продолжи и во наредните денови“, изјави Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина.
Лајчак додаде дека дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе биде на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на европските земји во понеделник, а за него ќе разговараат и лидерите на ЕУ подоцна во текот на следната недела на Советот на Европа.
Оливер Бранковиќ
