Закон за легализација

Домаќинства чекаат да има се легализираат објектите, па да добијат струја

22.10.2023 11:35

Пет години без струја оти куќата не им е легализирана. Ова е голготата на семејството Андонови од струмичко Ангелци. Бараат пратениците да ги донесат измените на законот кој повеќе од една година е заглавен во Собранието. Со легализирањето на куќата тие ќе добијат можност и за приклучок за струја. Со овој проблем се соочуваат голем број домаќинства не само од струмичко туку и од државата...

Цели пет години живеат во мрак и со молби до институциите да им се реши проблемот. Семејството Андонови од струмичко Ангелци живеат без електрична енергија. Приклучок нема сè додека не го легализираат објектот за кој своевремено, што од немање пари што од здравствени причини не успеале да ја отпочнат постапката за легализација.

Лилјана Андонова вели дека живот без струја не е живот. Единствената светлина преку ноќе ја добиваат од агрегат фрижидерот, бојлерот, електричната печка со години фаќаат пајажина.

Ова семејство кое е социјален случај ги чека измените на законот за легализација. Бараат пратениците и министрите да се зафатат со решавање на овој проблем. Андонови велат дека не бегаат од плаќање давачки кон државата, но да им се обезбедат услови.

Измените на законот за легализација на бесправно изградени објекти, кој е во собраниска процедура, пак, предвидува и сите објекти после 2011 година, поточно изградени до јануари 2021 година да бидат легализирани, но сопствениците да плаќаат повисоки комуналии за два и пол пати.

Кога ќе бидат донесени измените на законот за легализација во Собранието не се знае, но случајот на Андонови од струмичко Ангелци го делат илјадници домаќинства од земјава кои имаат нелегализирани објекти и чекаат приклучок за електрична енергија.

 

Ване Трајков