Охрид

Зголемен бројот на деца со говорни нарушувања

22.10.2023 11:37

Драстично е зголемен бројот на деца помеѓу една и шест години кои имаат проблем со говорот. Логопедите апелираат до родителите да се ограничи времето на користење на модерна технологија, бидејќи само на тој начин ќе се надмине сегашната состојба. Ако пред две децении беше мал бројот на деца со говорни нарушувања сега состојбата е алармантна...

Околу 50 проценти од децата кои посетуваат градинка од средни и големи групи имаат проблеми со говорот. Таква е состојбата во детската градинка „Јасна Ристеска“ од Охрид каде што се згрижуваат околу 1.200 деца, но логопедите посочуваат дека процентот е сличен скоро на целата територија на државата. Тие велат дека родителите сакајќи да си го олеснат живеењето со некои технолошки новитети почнаа да го губат здравото размислување во секојдневието, заборавајќи дека децата стануваат жртви на технологијата.

„Најважниот начин на учење кај децата се темели на интеракцијата, односно на размена на вербална и невербална комуникација. Како модел ги користат своите родители, но замислете што се случува кога место соговорник децата гледаат во лик на екранот. Детето ќе разбере што говори ликот, но нема да имаме наизменична комуникација. Хранењето пред екраните доведува до пасивен говорен апарат, децата немаат рефлекс на жвакање, немаат движење на уснички и јазиче и оттука произлегува неправилниот изговор на гласовите“, изјави Зорица Шикоска-логопед во Детска градинка „Јасна Ристеска“ , Охрид.

Користењето на телефони и компјутери, како и гледањето телевизија треба да биде умерено, ограничено и насочено, вели Шикоска. Само на тој начин децата ќе имаат нормален развој.

„Најважно е да се комуницира со нив, да им се моделира и стимулира говорот, да се вклучуваат во секојдневните активности. Да се пее, да се читаат приказни, да се листат сликовници, да се користат боички, игри на отворено, возење велосипед. Со еден збор да се гради квалитетен однос со детето“, заклучи Шикоска.

Според Шикоска колку повеќе квалитетно време сè поминува со семејството толку подобро се развиваат позитивни емоции, поврзаност и доверба и само така може да се гради здрава личност.

 

Сашо Нелоски