Газа

Израел ги зголеми нападите врз Појасот Газа

22.10.2023 09:53

Израел ги зголеми нападите врз Појасот Газа. Тел Авив го повтори барањето жителите да се евакуираат на југ, заради нивната безбедност. Размена на оган и меѓу израелските сили и борците на Хезболах, по должина на границата со Либан. Хуманитарната состојба во Газа е катастрофална-оценка на Обединетите нации. Во светските метрополи протести со барања за прекин на израелската блокада на Газа...

Израел изврши воздушни напади во јужниот дел на Газа и најави дека ќе ги интензивира нападите на северот на енклавата. Во гранатирање на бегалски камп десетмина загинати и десетици повредени. Претходно беше нападнат пазар. Апел до цивилите да се преместат на безбедно. Од ООН со став, во Газа се случува хуманитарна катастрофа. Вашингтон вети поголема воздушна одбрана на Блискиот Исток како одговор на нападите врз американските сили во регионот. Пентагон ќе испрати антибалистички систем за одбрана заедно со дополнителни баталјони на противвоздушниот ракетен систем „Патриот“.

„Важно е да обезбедиме најдобри услови за следната фаза од војната, а не според она што некој друг го кажува. Ќе ги продлабочиме нашите напади. Ќе ги минимизираме опасностите за нашите сили во следните фази од војната. Ги повикувам жителите на градот Газа да се преселат на југ за нивна безбедност“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.

На прашањето дали го охрабрува Израел да ја одложи копнената инвазија во Газа, американскиот претседател Бајден вели дека разговара со Израелците.

Размена на оган меѓу израелските сили и борците на Хезболах на повеќе места долж границата со Либан. Највисокиот претставник на милитантната група вети дека Израел нема надеж за победа во војната против Хамас.

„Им порачуваме на сите оние кои контактираат со нас да ја запрат агресијата за да престанат можностите за нејзино проширување. Сè додека агресијата продолжува, никој не може ништо да гарантира“, изјави Наим Касем, заменик генерален секретар на Хезболах.

Официјален претставник на Хамас во Либан изјави дека групата работи со посредници од Египет и Катар за ослободување на сите цивилни. Од Израел велат дека ослободувањето на заложници е пропаганда. Хамас бара испорака на хуманитарна помош и гориво за луѓето во појасот.

„Ова не е прашање на доминација, туку има за цел да му служи на палестинскиот народ. Она што е важно е да се внесат сите основни потреби за палестинскиот народ. Итно ни треба гориво за болниците и одделенијата за интензивна нега да продолжат да работат, инаку тоа би значело илјадници маченици“, рече Осама Хамдан, висок претставник на Хамас во Либан.

Во светот продолжуваат протестите за и против Израел. Граѓаните од САД, Европа и арапските земји бараат прекин на огнот што започна пред 16 дена. Во Детроит убиена претседателка на синагога. Саманта Вол е пронајдена со повеќе убодни рани. Полицијата го истражува случајот.

 

Маријана Димовска