Израелско-Палестински конфликт

Вашингтон вети поголема воздушна одбрана на Блискиот Исток

22.10.2023 12:36

Израелски воздушни напади во јужниот дел на Газа. Тел Авив ги предупреди цивилите да се евакуираат. Вашингтон вети поголема воздушна одбрана на Блискиот Исток. Израелски воздушни напади врз аеродромите во Дамаск и Алепо, тврдат сириските државни медиуми, Израел нема коментар за наводите...

Вашингтон вети поголема воздушна одбрана на Блискиот Исток како одговор на нападите врз американските сили во регионот. Пентагон ќе испрати антибалистички систем за одбрана заедно со дополнителни баталјони на противвоздушниот ракетен систем Патриот. Размена на оган меѓу израелските сили и борците на Хезболах на повеќе места долж границата со Либан.Највисокиот претставник на милитантната група вети дека Израел нема надеж за победа во војната против Хамас.

„Она што Хезболах го прави во последните денови е да ја ескалира ситуацијата. За жал, имаше и цивилни и воени жртви. Хезболах истрела многу ракети и минофрлачи на израелските позиции овде во планината Дов, каде што имаме воени позиции, но нема израелски заедници“, изјави Џонатан Конрикус, портпарол на израелските одбранбени сили.

„Им порачуваме на сите оние кои контактираат со нас да ја запрат агресијата за да престанат можностите за нејзино проширување. Сè додека агресијата продолжува, никој не може ништо да гарантира“, изјави Наим Касем, заменик генерален секретар на Хезболах.

Сириските државни медиуми тврдат дека во израелски воздушни напади погодени се аеродромите во Дамаск и Алепо, Израел нема коментар за наводите. Тел Авив најави дека ќе ги интензивира гранатирањата на северот на Газа. Апел до цивилите да се преместат на безбедно. Синоќа беше нападнат бегалски камп и пазар, има жртви и повредени.

„Во текот на ноќта ги засиливме нашите напади. Десетици терористи беа убиени во градот Газа и неговата околина. Покрај тоа, убиен е и заменик-командант на Хамас. Исламскиот џихад и Хамас го користат Палестинското население како жив штит“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.

Од ООН со став, во Газа се случува хуманитарна катастрофа. 20-те камиони кои вчера влегоа во енклавата не се доволни, потребни се храна, медицински средства и безбедни простории за итни случаи.

„Ја повикуваме меѓународната заедница да ја осигури безбедноста на здравствените установи и амбулантите и да ни обезбеди лекови и медицински помагала. Итно ни е потребни опрема во собите за итни случаи, како и за амбулантите кои ги носат повредените од различни области во Газа“, изјави Махмуд Хамад, претставник на Министерството за здравство во Газа.

Официјален претставник на Хамас изјави дека групата работи со посредници од Египет и Катар за ослободување на сите цивилни. Од Израел велат дека ослободувањето на заложници е пропаганда. Во светот продолжуваат протестите за и против израелско-палестинскиот конфликт. Граѓаните од САД, Европа и арапските земји бараат прекин на огнот што започна пред 16 дена. Во Детроит убиена претседателка на синагога. Полицијата го истражува случајот.

 

Маријана Димовска