Граѓаните се сомневаат во безбедноста на храната
Пазарите полни со овошје и зеленчук, производителите уверуваат дека совесно ги користат пестицидите, велат без нив не можат. Граѓаните купуваат, но се сомневаат во квалитетот. Од Агенцијата за храна со став дека постојано вршат контроли, во текот на годинава биле направени над 30 илјади надзори...

Дел од граѓаните се сомневаат во безбедноста на овошјето и зеленчукот што ги консумираат, но велат мора да купуваат за да се прехранат. Некои прашуваат каде се произведени, па одлучуваат.
Без заштита со пестициди ќе нема производство – велат производителите. Климатските промени влијаат на намаленото производство на овошје и зеленчук. Високите температури го зголемуваат присуството на инсекти од кои мораат да го заштитат производството. Но, велат совесно ги користат пестицидите.
Годинава се направени над 30.000 инспекциски надзори при контрола на безбедноста на зеленчукот и овошјето. Регистрирани се неправилности, но стоката или е поништена доколку е од домашно производство или е вратена доколку е од увоз – вели директорот на АХВ Николче Бабовски.
Бабовски потврдува дека минатиот месец сме добиле нотификација за присуство на Форматенат во пиперки извезени од Македонија во Хрватска, како што објави и Европскиот систем за брзо предупредување за сообраќај со храна. Станува збор за отровен пестицид што го користат многу земји, но во ЕУ е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на граѓаните.
Александра Велинова
