Втор конвој со хуманитарна помош влезе во Газа
Нов конвој со хуманитарна помош влезе во Газа. Израелски воздушни напади во јужниот дел на Појасот. Тел Авив ги предупреди цивилите да се евакуираат. Вашингтон вети поголема воздушна одбрана на Блискиот Исток...

Седумнаесет камиони со хуманитарна помош го минаа египетскиот граничен терминал со Појасот Газа. Ова е втор конвој за два дена наменет за палестинска територија од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. Хуманитарните организации повикуваат на прекин на огнот поради влошување на условите на територијата. Од палестинската Црвена полумесечина велат дека наредбите за евакуација на болниците се смртна казна за пациентите.
„Примивме и повеќе од 180 жртви, повеќето деца, жени и возрасни. Се вршат вистински масакри врз нашиот народ во сите околни области на Централната управа“, рече Калил ал Дегран, службеник во болница.
САД испраќаат систем за воздушна одбрана на Блискиот Исток кој е дизајниран да соборува ракети со краток и среден дострел. Одлуката следи по неодамнешните акции на Иран и неговите посреднички сили низ регионот, стои во соопштението на Пентагон. Тел Авив најави дека ги интензивира гранатирањата на северот на Газа. Апел до цивилите да се преместат на безбедно.
„Во текот на ноќта ги засиливме нашите напади. Исламскиот џихад и Хамас го користат палестинското население како жив штит“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.
Размена на оган меѓу израелските сили и борците на Хезболах на повеќе места по должина границата со Либан. Премиерот Нетанјаху со предупредување до милитантната група за последиците доколку реши да се приклучи на војната Израел – Хамас.
„Ако Хезболах одлучи да влезе во војната ќе ја направи грешката на својот живот. Ние ќе го осакатиме со сила што не може ни да ја замисли, а значењето за Хезболах и за државата Либан ќе биде поразителен, но ние сме подготвени на секое сценарио“, изјави Бенјамин Нетанјаху-Премиер на Израел.
Сириските државни медиуми тврдат дека во израелски воздушни напади погодени се аеродромите во Дамаск и Алепо, Израел нема коментар за наводите. Во светот продолжуваат протестите за и против израелско-палестинскиот конфликт. Граѓаните од САД, Европа и арапските земји бараат прекин на огнот што започна пред 16 дена.
Маријана Димовска
