Тактизирање пред изборите, внатрепартискиот рејтинг одлучувачки
Додека партиите се препукуваат околу датумот за одржување на изборите, дали да се одржат одвоено или заедно парламентарни со претседателски, во јавноста веќе почна да се обелоденуваат кандидатури за трката за шеф на државата. Пендаровски најави ќе бара втор мандат, доктор Вело Марковски ќе се кандидира. Политичките субјекти не коментираат дали на маса имаат свои фаворити. Аналитичарите велат дека ќе избираат според внатрепартискиот рејтинг...

Внатрепартиските анкети ќе одлучат зад кој кандидат ќе застанат најголемите политички партии, велат експертите. Актуелниот шеф на државата Пендаровски ќе бара втор мандат. Јавно обелодени дека ќе се кандидира и доктор Вело Марковски, како независен кандидат. Во кулоарите се лицитира и со други имињата. Партиите сè уште тактизираат. Универзитетскиот професор Малчевски за МТВ вели дека ќе номинираат некој што ќе доминира во внатрешните истражувања.
Законски предвидениот рок за претседателските изборите е меѓу 31-ви март и 5-ти мај. За датумот на парламентарните, ќе ги договараат работните групи на партиите. ВМРО-ДПМНЕ чека иницијатива од Социјалдемократскиот сојуз. Според експертите, опозицијата отсекогаш имала тактика на спојување на изборите. За аналитичарот Кржаловски од македонскиот Центар за меѓународна соработка, сосема сеедно е кога ќе се одржат бидејќи станува збор за исклучително краток период од предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ 8-ми мај, до условно крајниот можен термин јуни, за да може да се влијае на резултатот.
Работните групи, велат аналитичарите, лесно ќе се договорат за процедурите околу изборите и не очекуваат уставните избори да се најдат на маса на преговорите.
Марина Стојанова-Тонева
