Воз Скопје-Битола ќе сообраќа еднаш дневно
Од среда наместо три пати, воз од Скопје до Битола ќе сообраќа само еднаш дневно. Вака одлучија од Македонски железници транспорт. Нема детали што е причината, нерентабилност или проблем со пругите. Се помалку патници користат железнички сообраќај во земјава. Но бизнисот реагира. Континуирано бара либерализација на пазарот...

Нов возен ред во Македонски железници. Кон и од Битола патниците ќе можат да се возат само еднаш. МЖ транспорт одлучи да го намали сообраќајот кон оваа релација. Патничките возови меѓу Скопје и Битола се најкористени според бројот на превезени патници. Според податоците на Државниот завод за статистика, прилепската железничка станица е трета по големина во земјава со 60.000 отпатувани патници во 2022 година, по Скопје (150.000) и Велес (116.000 патници).
Единствени возови што остануваат во сообраќај се двата пара возови меѓу Скопје и Гевгелија. Меѓу Скопје и Велес ќе има само шест пара возови дневно.
„Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација Битола – Прилеп – Велес – Скопје и обратно дека од 25.10.2023 година (среда) сообраќајот на патничките возови на оваа релација ќе биде организиран само со возовите бр. 643, кој поаѓа од Скопје во 14:30 часот, и воз бр. 640, кој поаѓа од Битола во 03:13 часот. Овие измени ќе важат од 25.10.2023 година до нивно отповикување“, се вели во соопштението од Железници транспорт.
Укинувањето на патничките возови нема да влијаат врз бизнисот, стопанствениците велат дека нив ги мачат транспортните возови и транспортот на контејнери од Битола.
Возовите бавни, пругите стари. Од метрополата со воз може да се патува освен до Битола и до Гевгелија. Мал е бројот на патници кои користат железнички сообраќај.
Укинувањето на двата пара возови меѓу Скопје и Битола доаѓа само неколку месеци откако железничкото претпријатие ги укина сите четири пара возови на релацијата Скопје-Куманово-Табановце-Скопје. Од 4-ти јануари годинава денес жителите од кумановскиот регион немаат можност да патуваат со воз до главниот град.
Ана Јосифоска-Тодоровска
