Македонските малцинства со нееднакви права во соседството

28.05.2014 14:18

Според мониторинг системот на комитетот на министри на Советот на Европа, Македонците имаат неадекватна инплементација во неколку соседни држави. Бугарија е потписник на рамковната конвенција за заштита на малцинствата, но не и за македонското, а Грција воопшто не е потписник. За овие прашања се расправаше на трибината за правата на македонските малцинства во соседните земји што се одржа во Штип...

Само сплотени, со силна поддршка на матичната држава и меѓународните институции, македонското малцинство ќе може да се избори за основните човекови права кои со децении им се оспорувани- став на македонските здруженија во соседството. Истражувањата покажале дека имплементацијата на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во некои соседни држави не важи исто за македонското и за останатите малцинства.

Најголеми предизвици на Македоците во Грција и Бугарија се – од  изучување на мајчиниот јазик и промоција на културата, до економски притисоци.

„Сите македонски територии се најсиромашни во Грција. Овде не се инвестира речиси во ништо“, изјави Димитри Јоану, член на претседателството на партијата Виножито од Грција.

„Како малцинство се комплетно непризнаени, негирани и исфрлени од општествениот и политички живот“, смета Стојко Стојков, ОМО Илинден Пирин, Бугарија.

Во Албанија, во момнтов главната борба на Македонците е зголемување на бројот на македонски општини.

„Целиот регион на Голо Брдо да биде една општина, исто така и во областа Гора, регионот Гора да биде една оштина“,  потенцира  Васил Стерјовски, Македонска алијанса за европска интеграција, Албанија.

Надвор од границите на Македонија живеат неколку стотици илјади  Македонци. Дел од нив секојдневно се исправени пред искушенија како да ја сочуваат и одбранат националната припадност, но и личната егзистенција. 

 

Оливера Жежова