Македонија го одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба
Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани...

Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Денот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава.
По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2023 година за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
