Израел-Хамас

Продолжуваат гранатирањата меѓу Израел и Хамас

23.10.2023 09:37

Меѓусебните гранатирања на Израел и милитантите на Хамас не запираат. Светот стравува од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Расте бројот на загинати и ранети цивили во Газа. Израелските одбранбени сили остануваат распоредени по должината на Појасот, не се откажуваат од копнена офанзива. Во светот масовни пропалестински протести, но и демонстрации за поддршка на Израел...

Израелската армија ќе продолжи со засилените напади врз Газа. Пронајдени 320 цели на Исламски џихад. Предупредување до жителите да се преселат на југ. Загинати и повредени во израелските напади врз Појасот изминатата ноќ, соопшти Министерството за внатрешни работи во Газа, кое го раководи Хамас. Тел Авив негира дека е транспортирано гориво од Египет до Газа преку граничниот премин Рафах во рамки на вчерашниот конвој со храна и медицински средства.

„Ги интензивиравме нашите напади и ќе продолжиме да дејствуваме така. Донесовме хуманитарна помош, донесовме лекови, храна и вода на југ за да одговориме на вашите потреби. Многу граѓани од Газа веќе го направија тоа, вие го загрозувате животот на оние кои не го сториле тоа, движете се на југ“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Западните лидери уште еднаш ја истакна поддршката за Израел. Белата куќа соопшти дека израелскиот премиер Нетанјаху се согласил на „непрекинат проток“ на меѓународна помош за Газа од Египет. И група американски сенатори изразија силна поддршка за Израел, опишувајќи го смртоносниот напад на Хамас на 7-ми октомври како „злосторство против човештвото“.

„Денеска сме тука да му кажеме на Иран, те гледаме. Ако оваа војна расте, таа доаѓа во вашиот двор. Нема да има два фронта. Ќе има три. Ако се направи обид да се ослободи Хезболах врз еврејската држава за да ја уништи, моето внимание ќе биде насочено кон Техеран“, изјави Сенатор Линдзи Греам.

„Ќе му дадеме на Израел сè што му треба за да се брани. Ги поддржуваме нивните напори да го отстранат Хамас. Сите ние сме вклучени во ова. Тоа е во интерес на Соединетите Држави, во интерес на учтивоста на нашата планета. Да застанеме обединети против Хамас“, изјави Сенаторот Бен Кардин.

Израелската војска го обвини Хезболах дека бара воена ескалација, при што се заканува опасност во конфликтот да се вовлече и Либан. Одбраната на Израел објави дека цели на уште две единици на милитантната група во јужен Либан. Иран ги предупреди Израел и САД дека ризикуваат „ситуацијата да избега од контрола“.

 

 

Маријана Димовска