Македонија

2.018 пожари на отворен простор за нецели 5 месеци

23.10.2023 11:46

За нецели пет месеци во земјава се регистрирани над две илјади пожари од кои најголемиот број се дело на потпалувачи на стрништа. Зголемувањето на бројот на пожари ја отвори темата за формирање доброволни противпожарни друштва по примерот на земјите од Европската унија и некои од балканските држави. На тој начин полесно ќе се справуваме со пожарите, бидејќи доброволните пожарникари ќе се регрутираат во локалните средини...

Од јуни заклучно со 16-ти октомври на територијата на нашата држава се регистрирани 2.018 пожари на отворено од кои повеќето биле предизвикани од несовесни граѓани. Ако се знае дека МВР поднесе само дваесет кривични пријави против потпалувачи тогаш е јасно дека најголемиот број од виновниците останаа неказнети иако му нанесоа огромни штети на шумскиот фонд во земјава.

„Треба да се работи повеќе и на превенција, но и на откривачката функција затоа што казните ќе го намалат бројот на пожари, барем во следната сезона. Со тоа што јас сум песимист дека и со зголемено откривање и казнување нешто ќе се промени, бидејќи најголем дел од пожарите доаѓаат од стрништата кои што ги палат земјоделците“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Големиот број на пожари го актуализира прашањето за формирање на доброволни противпожарни друштва кои засега ги има само 10 во државата. Тоа е безначајна бројка споредено со Австрија каде што има 340.000 доброволни пожарникари или Хрватска каде таа традиција се негува повеќе од еден век.

„Секој поголем град и секое поголемо населено место би требало да има доброволно противпожарно друштво затоа што ќе се скрати времето на интервенција. Затоа што територијалните противпожарни единици се лоцирани во самите градови, а се случуваат пожари оддалечени 23 часа од нивните локации“, изјави Кирил Михајлов, старешина на Доброволно противпожарно друштво Свети Николе.

„Кај нас 150.000 Хрвати се дел од некоја противпожарна организација од кои 2.000 се припадници на професионални противпожарни единици, а останатите се членови на доброволните друштва“, изјави Стјепан Ковачек, Хрватска.

Хрватските искуства говорат дека при пожар се интервенира само за петнаесеттина минути, бидејќи пожарите ги гаснат доброволци кои што живеат во локалната средина. Оваа пракса треба да заживее и кај нас за жителите од руралните подрачја да можат сами да се справуваат со пожарите.

Сашо Нелоски