Израелско-Палестински конфликт

Гранатирања со жртви, на удар и ќелиите на Хезболах

23.10.2023 13:33

Војната против Хамас може да трае со месеци – предупреди Израел. Бомбардирани позиции на милитантите во Газа, на удар и ќелии на Хезболах во Либан. Палестинците јавија за многу жртви. САД повлекуваат дипломати од Ирак...

Израелската армија продолжи со засилените напади врз Газа. Пронајдени 320 цели на Исламски џихад. Предупредување до жителите да се преселат на југ. Од Хамас тврдат дека расте бројот на загинати и повредени во израелските напади врз Појасот.

„Нападнавме воени комплекси и набљудувачки пунктови. Во изминатите 24 часа на север елиминиравме терористички цели. Од осум терористички локации во изминатите 24 часа се имаше обид за лансирање противтенковски проектили и ракети“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Западните лидери уште еднаш ја истакна поддршката за Израел. Белата куќа соопшти дека израелскиот премиер Нетанјаху се согласил на „непрекинат проток“ на меѓународна помош за Газа од Египет. Од Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург апел за повеќе и побрзи испораки на помош за Газа.

„Заложниците мора да бидат ослободени. Очигледно, тоа е дел од секој чекор кон деескалација, и мора да почнеме да размислуваме за како да се оживее политичкиот процес. Големите сили заборавија на палестинското прашање, мислејќи дека тоа самото ќе се реши. Но, приоритет во овој момент е да се дозволи хуманитарна поддршка за Газа“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

„За Германија, јасно е дека Израелците и Палестинците можат да живеат долгорочно само во мир и безбедност, ослободени од тероризам и ослободени од човечко страдање со решение за две држави“, изјави Аналена Баербок, министерка за надворешни работи на Германија.

„Во моментов имаме во Газа повеќе од 1 милион луѓе кои немаат каде да одат и ова е нешто на кое мора сериозно да обрнеме внимание. Секој хуманитарен прекин на огнот дефинитивно може да го намали ризикот од прелевање на конфликтот во регионот“, изјави Тања Фајон, министерка за надворешни работи на Словачка.

Израелската војска го обвини Хезболах дека бара воена ескалација, при што се заканува опасност во конфликтот да се вовлече и Либан. Иран ги предупреди Израел и САД дека ризикуваат „ситуацијата да избега од контрола“. Поради зголемена безбедносна закана за персоналот и интересите на Вашингтон, Стејт департментот нареди евакуација на дел од персоналот од нивната амбасада во Багдад, и конзулатот во Ербил.

 

Маријана Димовска