Миграцијата го опустоши селото Митрови крсти

28.05.2014 14:55

Во гостиварското село Митрови Крсти од 40 куќи пред речиси еден век останаа отворени само пет. Миграцијата си го направи своето. Наместо детска смеа тишината ја исполнува само песната на птиците...

Само пет порти секој ден се отворени во Гостиварското село, Митрови Крсти.Прозорците во останатите 40-тина куќи пуштаат воздух само за викендиите. Ова село добило водовод пред речиси еден век. Го изградил српскиот крал Александар Први. Има и струја и пат. Но,придобивките на модерното време, не ја спречиле миграцијата. Во Митрови Крсти наместо детска смеа се слуша само црцорењето на птиците.

„Благодарение на еден наш тогашен мештанин кој работел во Блеград, имал неколку пекари, ги употребил неговите врски со тогашните министри од Кралството Југославија, и успеал тогаш да обезбеди 300.000 динари тогашни пари, со кои е направен водоводот“, раскажува Живко Лекоски, жител на селото Митрови Крсти.

За да се вратат младите во Митрови Крсти добра можност е програмата за рурален развој, вели Јелица Бешлич, советник во Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството. Годинава има два огласа за млади лица.

„Мерките се однесуваат на оние млади земјоделци од 18 до 40 години, коишто за прв пат започнуваат со вршење на земјоделска дејност, било да е тоа со преземање на земјоделското стопанство, или со отпочнување на нова дејност со земјоделие“, вели Јелица Бешлич, од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството - Гостивар.

Миграцијата село - град досега опустошила 70 % од селата. Целосно изумреле  повеќе од 141-но село, а пред целосно изумирање се уште 455.

 

Дијана Ценевска