Трет конвој со хуманитарна помош влезе во Газа
17 дена војна меѓу Израел и Хамас. Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант предупреди дека судирот со милитантите може да трае со месеци, но, тој додаде ќе биде последниот. Нападнати се позиции на Хамас во Газа, на удар биле и ќелии на Хезболах во јужен Либан. Палестинците јавија за многу жртви. Бомбардирањата и човечките страдања не запираат. Денеска тргна нов конвој со хуманитарна помош преку преминот Рафах...

Уште еден конвој со основна помош од Египет преку преминот Рафах до опколениот Појас Газа. Од Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург апел за прекин на огнот и повеќе и побрзи испораки на храна, вода, лекови. Белата куќа соопшти дека израелскиот премиер Нетанјаху се согласил на „непрекинат проток“ на меѓународна помош за погодената енклава.
„Заложниците мора да бидат ослободени. Очигледно, тоа е дел од секој чекор кон деескалација, и мора да почнеме да размислуваме за тоа како да се оживее политичкиот процес. Големите сили заборавија на палестинското прашање, мислејќи дека тоа самото ќе се реши. Но, приоритет во овој момент е да се дозволи хуманитарна поддршка за Газа“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Продолжија израелските воздушни напади на опколената палестинска територија. Израелската армија лоцирала 320 цели на Исламски џихад. Предупредување до жителите да се преселат на југ. Од Хамас тврдат дека расте бројот на загинати и повредени во израелските напади.
„Нападнавме воени комплекси и набљудувачки пунктови. Во изминатите 24 часа на север елиминиравме терористички цели. Од осум терористички локации во изминатите 24 часа се имаше обид за лансирање противтенковски проектили и ракети“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.
Инструкции за тоа како да се направи хемиско оружје биле откриени кај загинат борец на Хамас, обелодени израелскиот претседател. Во интервју за британската Скај њуз, Херцог рече дека поголемиот дел од Газа функционира и покрај спротивните тврдења на хуманитарните работници.
„Проектилите на Хамас ја срушија електричната инфраструктура во Газа. Нема врска со нас. Вода, ние снабдуваме само 7%. Има гориво за хуманитарни потреби, тоа е под агенцијата на ООН. Многу внимателно ја следиме хуманитарната ситуација“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.
Палестинскиот премиер предупреди дека очекуваната израелска офанзива ќе значи продолжување на раселувањето на луѓето во Газа и цивилни жртви.
„Она што се случува во Газа бара итна акција од застапниците на човековите права со цел да се запрат убиствата и присилното раселување“, изјави Мохамед Штаје, премиер на Палестина.
Израелската војска го обвини Хезболах дека бара воена ескалација, при што се заканува опасност во конфликтот да се вовлече и Либан. Иран ги предупреди Израел и САД дека ризикуваат „ситуацијата да избега од контрола“. Поради зголемена безбедносна закана, Стејт департментот нареди евакуација на дел од персоналот од нивната амбасада во Багдад, и конзулатот во Ербил. Во светот продолжуваат протестите „за“ и „против“ израелско-палестинскиот конфликт.
Маријана Димовска
