Продолжуваат гранатирањата во Газа
Хамас ослободи уште две заложнички. Израел не ги запира нападите во Појасот Газа. Обединетите нации предупредуваат дека на областа итно и треба гориво, вода и храна...

Во Газа продолжуваат гранатирањата. Нападнат бегалски камп на брегот на Средоземно море, десетмина загинати. Од почетокот на конфликтот бројот на жртви надмина 5.000, од кои 2.000 се деца. Со посредство на Египет и Катар, ослободени уште двајца израелски заложници од рацете на Хамас.
„Многу сме возбудени, среќни и воодушевени. Ова е вистински хуманитарен потег. Навистина се надеваме дека ова е почеток за ослободување на останатите заложници“, изјави внук на ослободена заложничка.
Американскиот претседателот Бајден вели дека најпрвин треба да бидат ослободени сите заложници, по што би следеле разговори за прекин на огнот. За очекуваната копнена инвазија во Газа, од Вашингтон велат дека Израел решава сам за чекорите.
„Нашето мислење е дека израелските одбранбени сили треба сами да одлучат како ќе спроведуваат операции. Не е наша работа да им диктираме услови. Тоа би било несоодветно“, изјави Џон Кирби-портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Третиот конвој со хуманитарна помош пристигна во енклавата. Обединетите нации предупредуваат дека на областа итно и треба гориво како и вода и храна.
„Во моментов, нашиот најголем предизвик е снабдувањето со хуманитарна помош. Остануваме без залихи на вода, храна, лекови. Она што сега е навистина критично е гасоводот. Ни требаат стотици камиони помош за да ги задоволиме потребите на населението“, изјави Томас Вајт-УНРВА, Газа.
Израелскиот премиер вели дека неговиот кабинет за време на војната делува заедно. Владата на национално единство беше формирана неколку дена по нападот од Хамас.
„Ние стоиме еден зад друг и зад Израелските одбранбени сили, нашите борци, нашите офицери. И сакам народот на Израел да знае нешто. Се правиме со голема одговорност и со голема почит“, Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Иран ги обвини САД за проширување на војната во Газа и дека американскиот претседател Бајден испратил илјадници пратки оружје во Израел.
„Во текот на изминатите две недели Америка докажа дека ја интензивира и проширува војната во Газа и против палестинските жени, деца и цивили, испраќа илјадници пратки со оружје. Затоа, од овде би сакал да му се обратам на господинот Бајден: „Стоп за лицемерието!“, изјави Хосеин Амирабдолахиан-министер за надворешни работи на Иран.
Шефот на руската дипломатија Лавров, оцени дека едностраните потези за решавање на конфликтот на Блискиот Исток можат само да ја влошат ситуацијата и дека САД не понудиле нови идеи како да се реши кризата.
Маријана Димовска
