Израел

Бројот на жртви во Газа надмина 5.000

24.10.2023 12:11

Пукотниците и гранатирањата не застануваат во Газа. Ослободени уште двајца заложници од Хамас-од стартот на конфликтот бројот на жртви надмина 5.000, од кои 2.000 се деца...

Во Газа продолжуваат гранатирањата. Нападнат бегалски камп на брегот на Средоземното море, десетмина загинати. Од почетокот на конфликтот бројот на жртви надмина 5.000, од кои 2.000 се деца.

„Тие беа мета на локација на која мислеа дека се безбедни. Едвај можевме да препознаеме некого. Ги пребаруваме телата по сеќавање кој какви панталони или маица има“, изјави Осама ал Башити – роднина на загинатите во воздушен напад.

„Бевме домаќини на нашите роднини од Газа и северните градови. Тие се засолнуваа во нашиот дом затоа што мислевме дека нашата област ќе биде најбезбедна, но очигледно не е. Нема безбедно место во Појасот Газа, тие бомбардираат насекаде“, рече Амар ал-Бута-преживеан од воздушен напад.

Третиот конвој со хуманитарна помош пристигна во енклавата. Обединетите нации предупредуваат дека на областа итно и треба вода и храна, но и гориво. Со посредство на Египет и Катар, од Хамас ослободени уште две израелски заложнички.

„Среќни сме што ги примивме, добра здравствена состојба. Тие се во нивните соби со нивните семејства“, рече Ети Узиел-главна медицинска сестра во Медицинскиот центар во Тел Авив.

Американскиот претседателот Бајден вели дека најпрвин треба да бидат ослободени сите заложници, по што би следеле разговори за прекин на огнот. За очекуваната копнена инвазија во Газа, од Вашингтон велат дека Тел Авив сам решава за чекорите. Во Израел и францускиот претседател Макрон.

„Сите Израелци се едно – војник, државјанин и странски државјанин. Сакаме веднаш да се вратат. Првата цел е ослободување на сите заложници“, изјави Емануел Макрон-претседател на Франција.

Израелскиот претседател со порака, Хезболах да се држи настрана од војната на Блискиот исток.

„Сакам да разјаснам – не бараме конфронтација на северната граница или со некој друг. Ние сме фокусирани на уништување на инфраструктурата на Хамас и враќање на нашите граѓани дома, но ако Хезболах не вовлече во војна, тоа е треба да биде јасно дека Либан ќе ја плати цената“, рече Исак Херцог – претседател на Израел.

Иран ги обвини САД за проширување на војната во Газа и дека американскиот претседател Бајден испратил илјадници пратки оружје во Израел. Шефот на руската дипломатија Лавров оцени дека едностраните потези за решавање на конфликтот на Блискиот Исток можат само да ја влошат ситуацијата, а САД не понудиле нови идеи како да се реши кризата.

 

 

Маријана Димовска