Воен конфликт

Жестоки борби во Украина, напади во Херсон и Запорожје

24.10.2023 12:43

Руските сили го гранатираа регионот на Херсон, извршени се над 100 напади. Има загинати и ранети цивили, меѓу нив и едно дете. Во изминатото деноноќие извршени се над 150 руски напади во повеќе од 20 населени места во регионот на Запорожје. Уништени се станбени згради и цивилна инфраструктура...

Иако во втор план поради конфликтот на Блискиот Исток, војната во Украина кулминира. На теренот, продолжуваат жестоките борби. Руските сили го гранатираа регионот на Херсон, извршени се над 100 напади. Има загинати и ранети цивили, меѓу нив и едно дете. Во изминатото деноноќие извршени се над 150 руски напади во повеќе од 20 населени места во регионот на Запорожје. Уништени се станбени згради и цивилна инфраструктура, соопшти Киев. Претседателот Зеленски повика-светското внимание да остане свртено кон војната во Украина.

„Вниманието на светот кон Украина, кон заштитата на слободата и меѓународното право мора да остане“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Неутрализирани три украински дрона над Црно Море, соопштуваат од руското Министерство за одбрана. Тврдат дека цел бил Севастопол на Крим. Министерот Шојгу најави засилување на воената опрема за руските сили.

„Ги снабдуваме вооружените сили со 10.000, па дури и до 15.000 тони различна муниција и опрема. Не може да не ја споменеме нашата индустрија. Многу млади луѓе кои немаат никаква врска со одбранбената индустрија подигнаа и развија цели производствени капацитети за неколку месеци“, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.

Во Будимпешта масовни протести за поддршка на украинскиот народ, откако премиерот Орбан во говорот на годишнината востанието на Унгарија против тогашниот Советски сојуз, Европската унија ја спореди со Русија, велејќи дека ако Москва беше трагедија, тогаш Брисел е само лоша пародија.

„Вистина е дека ЕУ се отвори за миграцијата и точно е дека не може да остане настрана од војната во која непромислено зачекори. Вистина е и дека ја стави својата судбина во рацете на лидерите кои не се способни да ја заштитат нејзината безбедност, слобода и благосостојба“, рече Виктор Орбан-премиер на Унгарија.

„Би сакале влада која ќе се занимава со нашите сегашни проблеми и ќе работи за вистинската слобода на Унгарија, а не влада што е спротивна на интересите на нашите западни сојузници и на интересите на НАТО“.

„ТогашСоветскиот сојуз ја нападна Унгарија, а денешна Русија демонстрира слични напори за освојување и ние би сакале да ја изразиме нашата солидарност со Украина“, велат демонстрантите.

Сепак, поддршката на западните сојузници за Украина и натаму продолжува. Вашингтон тврди дека имаат можност да ги поддржат и израелските и украинските сили.

Маја Стојанова