Македонија

Не се знае колку ќе чинат изборите

24.10.2023 14:39

Нема политичко расположение за укинување на буџетските пари за рекламирање на партиите во изборна кампања. Од Министерството за финансии не знаат колку ќе чинат изборите. Велат трошокот за избори ќе се предвиди со буџетот за идната година. Аналитичарите велат дека просечен циклус избори чини од 7 до 10 милиони евра…

Во моментов нема политичко расположение за укинување на буџетските пари за рекламирање на партиите во изборна кампања. Првиот човек на Агенцијата за медиуми вели дека предлогот – учесниците во изборите сами да си плаќаат, го доставиле до партиите и до работната група за измени на Изборниот законик, но не очекува процесот наскоро да финишира.

Од Министерството за финансии не знаат колку ќе чинат изборите. Велат трошокот за избори ќе се предвиди со буџетот за идната година.

Буџетот потребен за реализирање на овој процес е во надлежност на Државната изборна комисија која доставува предлог во рамки на подготовката на буџетот за 2024 година и сумата која ќе биде испланирана ќе биде позната кога ќе се објави Предлог-буџетот за 2024 годинa, велат од Министерството за финансии.

Во партиските натегања-како и кога ќе се одржат парламентарните и претседателски избори, дали заедно или одделно, се чини најмалку се води сметка за тоа колку пари ќе потрошат. За министерот Османи, тоа е прашање на логистика и техника, и вели: ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени ќе може да одлучи за датумот на изборите. Ако не, останува редовниот термин.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека просечен циклус избори чини од 7 до 10 милиони евра, но тоа не значи дека ако се одржат заедно, трошокот за вторите ќе биде еднаков на нула.

Од 2018-та година, предизборните кампањи на партиите се финансираат и од народни пари, а голем дел се одлеваат за рекламирање.

За изборите во 2020-та крајната сума што државата ја платила за партиски реклами е 3,1 милион евра, додека на изборите една година порано за истата намена се потрошени 400 илјади евра повеќе.

Анита Димитријевска – Велковска