Скопје

Мостот „Беласица“ и по шест месеци делумно отворен

24.10.2023 16:00

Возачите и пешаците со страв поминуваат низ мостот „Беласица“, и по шест месеци состојбата на терен иста, надлежните си ја префрлаат топката…

Топловодните цевки кои ги оштети пожарот под мостот Беласица се отстранети, но нови сè уште не се поставени. Според ЕСМ тоа е комплексен процес и потребно е повеќе време.

Грејната сезона почна, од ЕСМ брзаат во најкус можен рок да ги постават топловодните цевки. Долниот дел на мостот „Беласица“ е клучна артерија за транспорт на топла вода за потребите на скопското парно. Додека трае санацијата, испораката на топлинската енергија е по алтернативен вод.

„Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки се користи алтернативниот вод на Железничкиот мост кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите, вклучувајќи ги и количествата кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО“, велат од ЕСМ.

Пожарот под мостот „Беласица“ сериозно ги оштети топловодните цевки пред пет месеци. Тие беа отстранети дури на почетокот на месецов. Постапката доцнеше, бидејќи ЕСМ и Град Скопје не можеа да се договорат кој од кого треба да бара дозвола за замена на топловодот.

Без прецизно да се утврдат оштетувањата на мостот, градот делумно го пушти за сообраќај во почетокот на септември. Се одвива по една лента во двете насоки, често е оптоварен. Дел од возачите се скептични за безбедноста, други без проблем минуваат по него.

Од Град Скопје до почетокот на Дневникот не одговорија дали поставувањето на топловодните цевки на мостот може да дополнително да ја наруши неговата безбедност.

 

Андријана Ѓурческа