Пет македонски државјани чекаат евакуација од Газа
Петмина наши државјани чекаат да бидат евакуирани од Газа. Брачна двојка и татко со две малолетни деца. За децата се издадени патни листови бидејќи немале пасош, а за мајката која е палестински државјанин е издадена виза...

Се зголемува бројката на македонски државјани кои се заглавени во Појасот Газа. Петмина македонски државјани чекаат евакуација, информираше новоназначениот амбасадор во Израел, Шпенд Садики. Појасни дека Кризниот штаб во МНР е во контакт со сопругата Елизабета, од брачната двојка, а дека стапиле во контакт и со татко кој се наоѓа во Газа со двете малолетни деца и сопруга Палестинка.
„Она што сме го направиле во меѓувреме, издадени се патни листови зошто децата немаа пасош. Таткото имаше пасош. Мајката на децата е палестински државјанин, за неа е издадена виза. Ќе зависи од египетските власти дали ќе допуштат тие, таа воопшто да излезе, да биде дел од семејството. И таму инсистираме“, изјави Шпенд Садики, новоназначен амбасадор во Израел.
Засега и брачната двојка којашто се наоѓа во болница на Црвената полумесечина, во близина до Египет, и таткото и неговото семејство не можат да бидат евакуирани оти се затворени границите.
„Дел од Кризниот штаб сега е фокусиран на Газа. Обидите да се извлечат тие пет луѓе од Газа. Она што е невозможно ние да влијаеме, е одлуката кога ќе се отвори границата. Значи таа одлука зависи од Египет, делумно од Израел“, дополни Садики.
Евакуацијата отежната, оти Северна Македонија нема дипломатски односи со Палестина. Надлежни за Западниот Брег е македонската амбасада во Тел Авив, а за Газа во Каиро.
Ирина Гелевска
