Грковска: Да го чуваме идеалот за подобар свет и универзално почитување на човековите права
Да не дозволиме актуелните жаришта во светот да разгорат нов глобален оган од кој човештвото нема да може да закрепне повторно“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска...

„Ако причините за формирањето на Организацијата на Обединетите Нации и усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права се искуствата од Втората светска војна, кои донесоа неизмерни страдања, жртви и дехуманизација до крајни граници, тогаш главната задача за сите нас како индивидуи, како држави и за колективните системи на кои припаѓаме е да не дозволиме актуелните жаришта во светот да разгорат нов глобален оган од кој човештвото нема да може да закрепне повторно“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на отворањето на приемот по повод Денот на ОН.
Во своето обраќање, вицепремиерката Грковска истакна дека мудрите хуманисти кои ја конципираа Декларацијата, усвоена пред 75 години, и се изборија за широко прифаќање на овој документ со универзално значење, денес би биле среќни од сознанието дека земјите каде што човековите права се ставени на највисок пиедестал и уживаат голема заштита од системот во кој владее правото, се земји кои постигнаа најголем развој и најдобар животен стандард за своите граѓани. Според Грковска, овој факт треба да е водилка за нашата и за идните генерации, кон целосно исполнување на визијата за праведен и хармоничен поредок, со пријателски односи меѓу народите.
„Можеби ова звучи многу идеалистички додека во моментов се лее крв во Украина и на Блискиот Исток. Но, човекот не би бил ништо повеќе од варварин без свест и совест, ако го нема идеалот за подобар и поправеден свет и за човештво кое функционира и соработува врз клучните хуманистички вредности“, заклучи вицепремиерката Грковска.
Претходно таа учествуваше на панел дискусија во рамки на Годишната конференција на ОН во земјава, посветена на дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза, каде истакна дека заедно со сајбер безбедноста, овие прашања се дел од хибридните закани и опасности со кои се соочуваме сите и дека во глобалната индустрија на лажни вести и нашите фарми за производство на лаги станаа светски познати.
