Првиот извештај за имплементацијата на Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД пред Владата
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на вчерашната седница на Влада го презентираше првиот Извештај за статусот на имплементација на проектите од Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД...

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на вчерашната седница на Влада го презентираше првиот Извештај за статусот на имплементација на проектите од Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД. Извештајот е подготвен од Министерството за надворешни работи, како координатор на целокупниот процес, врз основа на кварталните извештаи за реализирани активности доставени од страна на надлежните министерства, владини институции и агенции.
Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД на 2-ри јуни минатата година, во Вашингтон. Со тоа, билатералните односи меѓу двете земји се издигнаа на повисоко ниво, зајакнувајќи го стратешкото партнерство и долгогодишното сојузништво меѓу двете земји. Во рамките на првиот состанок на стратешкиот Стратешкиот дијалог беа дефинирани повеќе области пред сè од билатерално значење, но и од регионлаен и глобален интерес. Како клучни области за соработка беа посочени: регионални иницијативи; одбрана и безбедност; врски меѓу луѓето; билатерална соработка, добро владеење и владеење на правото; трговија и инвестиции итн.
Целта на Стратешкиот дијалог е преку потесна соработка да се зајакне придонесот на САД во рамките на спроведувањето на домашната реформска агенда, зајакнување на демократскиот напредок и развој на земјава, зголемувањето на нивото на безбедноста, подигнување на животниот стандард на граѓаните, како и остварување на взаемните интереси на двете земји од регионален и глобален аспект.
Во рамките на Извештајот беше нотирана и зајакнатата соработка во рамките на Стратешкиот дијалог во делот на „Трговија и инвестиции“, бизнис соработката, здравството итн.
Министерството за надворешни работи, ќе продолжи да го следи текот на реализација на Планот на активности во рамките на Стратешкиот дијалог и редовно да информира на Влада за статусот на реализација на проектите, стои во соопштението од МНР.
