Израел

Газа под израелска блокада и напади

25.10.2023 09:28

Здравствениот систем во Палестина пред целосен колапс. Лекарите не можат да се справат со големиот број повредени во Газа, која е под израелска блокада и напади. Се шират и епидемични болести, особено кај децата. Зборовите на генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш, пред Советот за безбедност дека нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври, не се случил во вакуум, предизвикаа бурна реакција од Тел Авив. Побарана е негова оставка.

Израелските одбранбени сили соопштија дека погодиле неколку сириски воени цели откако биле истрелани ракети врз израелските заедници на Голанската висорамнина. Израелската армија ги прошири и целните области во Појасот Газа што резултираше со жртви. Од Тел Авив велат дека прават се за ослободување на заложниците. По извештаите дека Хамас бара од Израел да пушти цистерни со гориво во Газа, а за возврат ќе ослободи 50 луѓе со двојно државјанство, од Израелската одбрана велат дека тоа нема да се случи.

„Ќе направиме да ги вратиме луѓето дома. Но, нема да заборавиме дека Хамас го направи овој ужасен масакр. Ова е злосторство против човештвото и ништо друго“, изјави Даниел Хагари Портпарол на израелската одбрана.

Агенцијата на ООН за бегалци во Газа посочува дека ќе биде принудена да ја прекине работата поради недостиг на гориво. Се прават обиди хуманитарна помош и гориво да пристигнат до погодената енклава. На седницата на Советот за безбедност на ООН, Израел побара оставка од Генералниот секретар Гутереш. Американскиот државен секретар Блинкен истакна дека мора да се разгледаат „хуманитарните паузи“ во војната во Газа за да се заштитат палестинските цивили.

„Мислам дека генералниот секретар мора да поднесе оставка, освен ако веднаш не се извини. Нема оправдување за постоењето на оваа зграда. Оваа зграда е основана за да се спречат злосторствата. Како може генералниот секретар со своите зборови на кој било начин да ги оправда страшните злосторства што се случија врз невините цивили?“, рече Гилад Ердан – постојан претставник на Израел во ООН.

„Палестинските цивили мора да бидат заштитени. Тоа значи дека Хамас мора да престане да ги користи како човечки штит. Значи дека храна, вода, лекови и друга суштинска хуманитарна помош мора непрекинато да тече во Газа и да стигне до луѓето на кои им треба, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.

Од Вашингтон велат дека повикот за прекин на огнот во моментов само му користи на Хамас. Израелскиот премиер Нетанјаху во обраќањето до војниците рече дека копнената офанзива против Појасот Газа е сè уште е во игра, иако најавената акција и натаму се одложува. Францускиот претседател Емануел Макрон во Тел Авив предложи меѓународна коалицијата во битка со Хамас. На средбата подоцна со палестинскиот претседател истакна дека Хамас не го претставува сиот палестински народ. Абас повика на итен прекин на агресијата врз Газа и заштита на палестинскиот народ.

„Знам дека, во овој момент, тешко е да се замисли рестартирање на мировниот процес и политички разговор … Го кажав тоа за време на мојата прес-конференција и со Премиерот Нетанјаху, нова рунда разговори е потребна повеќе од кога било“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

Досега во војната Израел-Хамас има повеќе од 5.700 загинати.

Маријана Димовска