Македонија

Со промоција на книга од Иван Антоновски ќе се одбележат 30 години од физичкото заминување на Конески

25.10.2023 10:29

Со промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски – ново исчитување на книжевното дело на великанот. Настанот ќе започне во 18 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите – „Св. Климент Охридски“ во Скопје...

Денес ќе се одбележи 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески, во организација на „Матица македонска“. Со промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски – ново исчитување на книжевното дело на великанот. Настанот ќе започне во 18 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите – „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Вратите на книжарницата ќе бидат ширум отворени за сите почитувачи на делото на Конески, од сите генерации.

Промотори на книгата ќе бидат универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев, а за настанот е подготвена и музичка програма на Драган Даутовски.

„Просто и строго – Конески“ на Антоновски беше објавена неодамна и во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои непознати, помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

– Во „Просто и строго – Конески“, Иван Антоновски на извонреден начин потсетува на тестаменталното значење на клучните пораки на Блаже Конески во врска со македонскиот опстанок. Идејата водилка на оваа книга е да не се маргинализираат пораките на Конески, затоа што тоа би значело културна маргинализација на Македонците. Никој не се откажал од својата историја, а некои посегнале по туѓата. И едните и другите ја знаат важноста на историја за сегашноста и за иднината. Откажувањето не е опција. Тоа е нишката која од одделните текстови на оваа книга прави една целина. Целина во којашто се промислува нашата домородна „македонијада“, истакнува академик Катица Ќулавкова.

Според оцените на универзитетскиот професор Димитар Пандев, кој ќе биде еден од промоторите, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

– И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето и промовирањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус.