Хуманитарна катастрофа во Газа
Во Газа се случува хуманитарна катастрофа. Лекарите едвај успеваат да ги згрижат повредените пациенти. Нема лекови, во енклавата нема ниту гориво. Уште еден конвој пристигна преку преминот Рафах. Меѓународната заедница апелира да запре крвопролевањето…

Болниците во Газа се под голем притисок. Откако Израел ги засили гранатирањата, лекарите едвај успеваат да ги згрижат повредените пациенти. Битката за живот на тешко повредените е предизвик. Условите не дозволуваат соодветен третман. Недостигаат соодветни лекови и безбедни простории за работа. Бебе беше родено со итен царски рез откако мајката беше тешко повредена во напад врз нејзиниот дом.
„Примивме неидентификувана пациентка, која претрпе шок од бруталното гранатирање на нејзиниот дом. Таа беше во раниот деветти месец од бременоста. На ургентниот центар ѝ е направен итен царски рез. Мајката итно беше префрлена во операциска сала, со скршеници и стомачно крвавење“, изјави д-р Салим Сакер, шеф на хируршкиот оддел во болницата Насер.
„Напаѓаат само по домови. Ако ни дадат оружје, ќе се одмаздиме, само треба да ни дадат оружје. Само што ја завршивме вечерата, а тие ни го срушија домот врз глава“, изјави преживеан во нападите врз Газа.
Газа останува без гориво и неизвесно е како ќе се функционира понатаму. Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека уште еден конвој со хуманитарна помош пристигнал преку преминот Рафах.
„Во изминатите три дена добивме 54 камиони. Пратките вклучуваат медицински материјали, лекови, хуманитарни материјали и средства, вклучително и храна и вода. Се надеваме дека преминот Рафах ќе остане трајно отворен за да го одржи протокот на оваа помош“, вели работник на Црвената полумесечина.
Израелските власти велат дека Тел Авив прави хуманитарни напори кои ги вклучуваат Египет и САД, додавајќи дека населението ќе може да се врати дома кога борбите ќе завршат.
„Го повикуваме целото население во градот Газа и неговата околина – терористичката организација предводена од Хамас ве користи. Тие ги користат вашите домови, училишта, болници, под земја, под вашите домови, тие се кријат таму. За ваша безбедност, не дозволувајте да ве користат. Одете на југ, јужно од Вади Газа“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.
Меѓународната заедница апелира да запре крвопролевањето. На седницата на Советот за безбедност на ООН, Израел побара оставка од Генералниот секретар Гутереш. Американскиот државен секретар Блинкен истакна дека мора да се разгледаат „хуманитарните паузи“ во војната за да се заштитат палестинските цивили. Израелските одбранбени сили соопштија дека погодиле неколку сириски воени цели откако од Сирија биле истрелани ракети врз израелските заедници на Голанската висорамнина.
Маријана Димовска
