свет

САД и Кина во обид за стабилизирање на односите

25.10.2023 12:55

Обид за стабилизирање на односите меѓу двете најсилни економии во светот. Пред клучната посета на кинескиот шеф на дипломатијата Ванг Ји на Вашингтон, голем исчекор за подобрување на релациите и од кинескиот претседател. Кина е подготвена да соработува со САД за заемен одговор на глобалните предизвици, изјави Кси Џинпинг...

Пекинг и Вашингтон во обид за подобрување на односите, по една година зголемени тензии, откако поранешната претседателка на претставничкиот дом Ненси Пелоси го посети Тајван. Кина е подготвена да соработува со САД без оглед на меѓусебните разлики, двете држави да можат заедно да одговорат на глобалните предизвици, изјавил кинескиот претседател Кси Џинпинг, објавуваат локалните медиуми. Изјавата на Кси за подобрување на билатералните односи доаѓа пред клучната посета на министерот за надворешни Ванг Ји неделава во Вашингтон. Тој треба да се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и со советникот за Национална безбедност Џејк Саливан. Огромно внимание предизвика и еднонеделната посета на Кина на калифорнискиот гувернер Гевин Њусом. На средбата со шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји и со потпретседателот Хан Женг било разговарано за обновување на довербата.

„Овде сум во очекување, како што предлагате, да ја свртам страницата, да го обновиме нашето пријателство и повторно да се ангажираме за основните и фундаменталните прашања што ќе ја одредат нашата доверба во иднина“, изјави Гевин Њусом, гувернер на Калифорнија.

Од Белата куќа продолжуваат со плановите за реализирање на средбата меѓу американскиот и кинескиот претседател во обид за стабилизирање на односите. Двете најсилни светски економии ги затегнаа релациите по разидувањето за голем број прашања, пред сè за статусот на Тајван, но и по изворот на пандемијата за коронавирусот, човековите права и трговските тарифи.

 

Маја Стојанова