Судство

Застарува делото на Миле Јанакиески во предметот „Талир“

25.10.2023 13:37

Денеска во Кривичниот суд ново рочиште за случајот „Талир“. Обвинителката Ленче Ристоска побара да застари делото на Миле Јанакиески. Како што образложи пред судот во конкретниот случај, има основ за примена на новите измени во Кривичниот законик во членот 353, односно за кривичното дело злоупотреба на службената положба…

Застарува и делото на екс-министерот Миле Јанакиески во предметот „Талир“, каде што е обвинет за злоупотреба на службената положба. Обвинителката Ленче Ристоска рече дека во конкретниот случај има основ за примена на измените во кривичниот законик во членот 353. За останатите обвинети, таа предложи да продолжи главната расправа. 

„Сметам дека во конкретниот случај за обвинетиот Миле Јанакиески има основ за примена на тие измени како поблаг закон. Обвинетиот се товари за кривично дело злоупотреба на службената положба по член 353 став 4 од Кривичниот законик за дејствија што ги презел во текот на 2013-та година. Имајќи ги предвид новите казни за ова дело, а во корелација со членовите 107 и 108 од КЗ, сметам дека има основ да се применат измените и во оваа насока му предлагам на судот да донесе одлука пред почнувањето на главната расправа. Во однос на останатите, предлагаме главната расправа да продолжи“-рече обвинителката Ристоска.

Адвокатите на обвинетите Илија Димовски и Кирил Божиновски побараа да запре постапката и за нив, со објаснување дека ваква одлука судот претходно донел и за други лица кои биле во иста состојба. Обвинителката Ристоска смета дека предлогот е неоснован, бидејќи за застарување на делата е предвиден рок од 10 години.

Следното рочиште е закажано за 10-ти ноември кога судијата треба да донесе одлука по сите предлози. Случајот „Талир“ е за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Леко Ристовски и Илија Димовски.

Викторија Милевска